Според одлуката на Одборот на директори на ММФ, Северна Македонија добива пристап до вкупно 530 милиони евра. Од тие, 110 милиони евра ќе бидат повлечени веднаш и ќе се користат до крајот на оваа календарска година, а следната транша од 155 милиони евра ќе се користи во текот на 2023 година. Останатиот дел се обезбедуваат само како превентива и резерва на земјата
Земјава ги добива првите 110 милиони евра од вкупно одобрените 530 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), информира министерот за финансии Фатмир Бесими.
Средствата, како што додава тој, стануваат достапни откако Одборот на директори на ММФ ја одобри двегодишната програма на Северна Македонија во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ).
„Политиките што ги спроведуваме овозможија пристап на земјата до овој Инструмент, што овозможува обезбедување средства по многу поповолни услови од она што е актуелно на финансиските пазари. Тоа значи обезбедени се средствата за политиките планирани со ребалансот на Буџетот до крајот на оваа година, средства за справување со шокот кој доаѓа од надвор, средства за поддршка на граѓаните и компаниите, а пред се најважно е да обезбедиме стабилност во снабдувањето со храна и енергенси“,
вели Бесими.
Според него, ова е потврда од ММФ за здравите и одржливи политики што ги носи Владата за време на изминатиот кризен период, но и политиките кои се планирани во наредниот период, а кои, како што вели, се насочени кон забрзување на економскиот раст на среден рок.
Спроед одлуката на Одборот на директори на ММФ, Република Северна Македонија добива пристап до вкупно 530 милиони евра. Од тие, 110 милиони евра ќе бидат повлечени веднаш и ќе се користат до крајот на оваа календарска година, а следната транша од 155 милиони евра ќе се користи во текот на 2023 година. Останатиот дел од средствата, пак, се обезбедуваат само како превентива и резерва на земјата.
Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) на ММФ е наменет за земјите членки на оваа меѓународна финансиска институција кои имаат докажани здрави економски основи и спроведуваат одржливи политики. Инструментот е воведен во 2011 година.