Зеленски истакна дека Украина не му се заканува на цивилното воздухопловство или на кое било цивилно летало, но додаде оти на руското небо ќе има толку многу дронови, што ова ќе мора да се земе во предвид

Денес сакаме да ги предупредиме сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, сите осигурителни компании и сите што сè уште ги користат клучните руски аеродми дека воздушниот простор на Русија станува небезбеден. Ова го изјави претседателот на Украина во видеообраќање објавено на неговите канали на социјалните мрежи.
Зеленски истакна дека Украина не му се заканува на цивилното воздухопловство или на кое било цивилно летало, но додаде оти на руското небо ќе има толку многу дронови, што ова ќе мора да се земе во предвид.
„Иако руските власти не ги информираат соодветно своите луѓе за ова, рускиот воздушен простор ефективно ќе се затвора. Војната што Русија ја почна сега го затвора нејзиното небо. Ние во Украина не сакаме да се губат невини животи. Токму поради тоа ги предупредуваме нашите партнери – безбедните денови на руското небо се завршени“,
рече Зеленски.
Според него, особено е важно оваа порака да ја слушнат амбасадорите на земјите што имаат дипломатски претставништва во Украина и амбасадорите што работат во Москва.
Како што додаде, сите тие добро знаат што значи руската војна за Украина и за нејзините луѓе, и поради тоа треба да ја пренесат оваа порака до нивните главни градови.
„Важно е и авиокомпаниите што летаат до аеродромите во Москва, Ст. Петерсбург и до други клучни детинации во Русија да го слушнат ова. Министерството за надворешни работи на Украина и нашите институции ќе им обезбедат целосни информации на меѓународните организации за опасностите во рускиот воздушен протор. Небо со наезда на дронови не е место за цивилно воздухопловство“,
порача украинскиот претседател.
