Украинскиот претседател побара зајакнување на санкциите кон Русија
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска на состанокот на Светскиот економски форум во Давос изјави дека светот се соочува со пресвртница и дека мора да се зајакнат санкциите против Русија.

„Историјата е на пресвртница, ова е навистина моментот кога се одлучува дали бруталната сила ќе владее со светот“,
рече Зеленски во своето обраќање пред учесниците на конференцијата.
Тој, исто така, истакна дека во рускиот воздушен напад врз селото Десна, кое се наоѓа во северниот украински регион Чернихив, минатиот вторник загинаа 87 лица, пренесе Ројтерс.
Зеленски додаде дека посилните санкции кон Русија, вклучително и ембаргото за нафта, ќе ги одвратат другите земји кои размислуваат за употреба на брутална.

По двегодишна пауза поради пандемијата денеска во швајцарскиот град Давос започнува Светскиот економски форум, на кој присуствуваат политички и деловни лидери, експерти и активисти.
Меѓу прашањата што ќе се разговараат на годишниот состанок на Светскиот економски форум се: зголемувањето на цените на храната и горивото, руската војна во Украина, климатските промени, сушата и недостигот на храна во Африка, нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните, автократските режими и пандемии…