Според него, условите за мир што ги поставува Москва се ултиматуми
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предлага прекин на огнот додека не се одржи средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.

„Мојот предлог, кој верувам дека нашите партнери можат да го поддржат, е да им предложиме на Русите прекин на огнот до лидерска средба“,
изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.
Според него, условите за мир што ги поставува Москва се ултиматуми.
Изјавата на Зеленски се однесува на условите содржани во меморандумот што Русија ѝ го предаде на Украина на почетокот на неделата, а кој предвидува повлекување на украинската војска од четири региони за кои Москва тврди дека ги анектирала.
„Тоа е ултиматум што руската страна ни го наметнува. Затоа, според мене, тие не го објавија документот пред преговорите, бидејќи знаат дека доколку беше објавен, Украина ќе имаше полно право да не дојде на состанокот во Истанбул“,
кажа тој.
Смета дека нема повеќе смисла да се продолжат преговорите во Истанбул со постојните делегации, бидејќи и по два круга тие не дале резултати.
„Мислам дека Русија е подготвена да продолжи со размена на заробеници, но сегашната руска делегација, предводена од советник од втор ред од кабинетот на претседателот, не е на ниво за да дискутира за прекин на огнот“,
вели украинскиот претседател.
Втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, што се одржа на 2 јуни во Истанбул, заврши за околу еден час.
На преговорите им претходеше голем украински напад со беспилотни летала врз руските воздухопловни сили и стратешките бомбардери.