Говорејќи на заедничката прес-конференција со Макрон и Шолц, украинскиот претседател рече дека Франција и Германија имаат потенцијал да бидат „менувачи на играта“ во битката против Русија, така што ќе ѝ обезбедат на Украина борбени тенкови, модерни борбени авиони и проектили со долг дострел
Францускиот претседател и германскиот канцелар го повторија своето уверување дека Русија не смее да победи во војната
По посетата на Велика Британија, украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Париз, каде што синоќа се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Двајцата лидери ветија постојана поддршка за Украина и го повторија своето уверување дека Русија не смее да победи во војната.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со Макрон и Шолц, Зеленски рече дека Франција и Германија имаат потенцијал да бидат „менувачи на играта“ во битката против Русија, така што ќе ѝ обезбедат на Украина борбени тенкови, модерни борбени авиони и проектили со долг дострел.
„Колку побрзо Украина добие тешко оружје со долг дострел толку побрзо нашите пилоти ќе добијат авиони, толку побрзо ќе заврши оваа руска агресија и ќе можеме да му се вратиме на мирот во Европа“,
нагласи украинскиот претседател.
Зеленски верува дека испораката на борбени авиони и ракети со долг дострел е важна онолку колку и испораката на тенковите „леопард 2“ кои неодамна западните земји се обврзаа да ги испорачаат во Украина. Предупреди и дека има многу малку време за обезбедување на оружјето.
Макрон го увери Зеленски оти Украина може да смета на француската поддршка и додаде дека земјата е решена да ѝ помогне Украина да победи во војната и повторно да ги воспостави своите легитимни права.
Германскиот канцелар Шолц, пак, нагласи дека ниту позицијата на Германија не е сменета и рече дека Русија не смее да победи во оваа војна. Додаде дека Германија и нејзините партнери ја поддржуваат Украина финансиски, со оружје и со хуманитарна помош и вети дека тоа ќе продолжи, како што рече, сè додека е потребно.
Зеленски пристигна во главниот град на Франција неколку часа по посетата на Обединетото Кралство, каде што во обраќањето пред пратениците во британскиот Парламент побара борбени авиони и дополнителна воена опрема.
Претходно во средата британскиот премиер Риши Сунак во обраќањето пред британскиот Парламент рече дека Обединетото Кралство ќе ја поддржи Украина до крај.
Денеска се очекува Зеленски да отпатува за Брисел каде што ќе се сретне со лидерите на Европската Унија.