Претседателот на Украина Володомир Зеленски не ја прифати оставката на премиерот Олексиј Гончарук.
Зеленски оцени дека сега не е време за дестабилизација на политичката и економската ситуација во земјата.
„Ја добив од Вас поднесената оставка. Одлучив Вам и на Владата да и ви дадам шанса“,
рекол Зеленски на средбата со Гончарук.
Сепак, тој не ја исклучи можноста да дојде до кадровски промени во Владата на Украина.
Гончарук оставката ја објави вчера на својата фејсбук-страница, а следуваше два дена откако во јавноста се појавија аудиоснимки на кои се слуша неговиот глас за време на состаноци со неколку министри, во кои тој ги насочува како да зборуваат за економијата со претседателот кој, како што вели, „не ги разбира економските работи“.

Гончарук во оставката објаснува дека снимките се монтирани делови од неколку владини состаноци, чија цел е да создадат впечаток дека неговиот тим не го почитува претседателот Зеленски.
Триесет и петгодишниот Гончарук е премиер од август лани и беше избран по парламентарните избори во јули 2019-та. Тој беше најмладиот премиер на Украина во историјата.