Тој истакна дека во преговорите во Џеда, украинската и американската делегација разговарале за сите важни теми и дека разговорот бил многу конструктивен
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека, доколку Русија ги отфрли предлозите дадени за време на состанокот на украинската и американската делегација во Џеда, Киев смета на силни чекори на САД за притисок врз Русија.
„Колку што разбрав, можеме да сметаме на силни чекори од САД кон руската страна. Сè уште не ги знам деталите, но зборуваме за санкции и зајакнување на Украина“,
рече Зеленски.
Тој истакна дека во преговорите во Џеда, украинската и американската делегација разговарале за сите важни теми и дека разговорот бил многу конструктивен.
„Сакаме да ставиме крај на оваа војна. И ние сакаме американскиот претседател да го види тоа. Сакам Американците да го видат тоа и да го почувствуваат тоа“,
рече Зеленски.
Тој истакна дека сака да го искористи евентуалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија како можност за создавање постојан мировен план.
„Многу е важно да бидеме слушнати за секој да има право да ги изразува и споделува клучните, приоритетни прашања“,
рече украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека не слушнал ништо за наводната втора покана до Белата куќа за нова средба со Доналд Трамп.
Претходно денеска Москва соопшти дека ќе почека извештај од американски официјални претставници пред да го коментира предлогот за прекин на огнот. Вашингтон, пак, потврди дека денеска ќе разговара со Москва.