Судијата Енвер Беџети, кој од вчера е на „црната листа“ на САД, стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. За неразумно долгото чување на предметот, како што го утврди комисија на Судскиот совет, тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од платата
По ставањето на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, на „црната листа“ поради вмешаност во значителна корупција, од Здружението на судии на Република Северна Македонија денеска повикаа на брзо разрешување на случајот, заради заштита на независноста и интегритетот на судската фела во земјава.
Според Здружението, чиј актуелен претседател е шефот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, односно за судијата Беџети.
„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“,
велат од Здружението на судии.
Покрај судијата Беџети, на непопуларната листа на американскиот Стејт департментот се најде и поранешниот прв вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби – двајцата поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната УБК, Сашо Мијалков.
Груби беше прв вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, партии кои се најдоа во опозиција по овогодишните парламентарни избори, а судијата Енвер Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. За неразумно долгото чување на предметот, како што го утврди комисија на Судскиот совет, тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од платата.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, денеска на прес-конференција во врска со ова прашање, меѓу другото, кажа дека доказите за нивните влијанија се достапни и оти очекува македонските институции да преземат мерки.
„Не мора да ние да им даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции“,
рече Агелер.
Одговарајќи на новинарски прашања, амбасадорката на САД рече дека „црната листа“ дефинитивно не е затворена и дека ќе се најдат и други имиња, кои не се само политичари. Прашана дали времето во кое се објави информацијата за поранешниот вицепремиер и судијата од Апелацискиот суд кореспондира со најавите на Владата за реформи во судството, рече дека не се поврзани бидејќи Вашингтон одредува кога се објавува одлуката за еден ваков процес.