Со порастот на бројот на активни случаи и во недостиг на медицински кадар, повторно се бара од оваа група маргинализирани лекари да работи во ковид-центрите, велат специјализантите и посочуваат дека нивните плати се пониски од просекот
Поминаа три месеци откако министерот за здравство вети дека проблемот со здравственото осигурување на приватните специјализанти ќе биде решен, но сѐ уште не е постапено по тоа прашање. Приватните специјализанти сѐ уште немаат здравствено осигурување, реагира Здружението на лекари специјализанти.
Тие посочуваат дека платата на приватните специјализанти е 26 000 денари од 2018 година, што е за 2 500 денари под просечна плата во државава. Велат и дека ниту едно зголемување на личен доход, кое во неколку наврати опфаќало и немедицински персонал што работи во здравствениот сектор, не се однесувало на приватните специјализанти.
„Специјализантите сѐ уште немаат платени дежурства, иако во 2019 година добивме уверување дека тоа наскоро ќе биде решено. Здружението направи неколку пресметки што ги опфаќаат државните и приватните доктори на специјализација по однос на платени дежурства. Тие не изнесуваат повеќе од 27 000 евра на месечно ниво, за која сума добивме одобрување од Министерството за здравство. Покрај сѐ, специјлизантите сѐ уште извршуваат 24 часа дежурство за нула денари. Дел од овие неплатени дежурства, колегите ги реализираат во ковид-центрите“,
стои во соопштението.
Од Здружението нагласуваат дека, и покрај најавата дека се обезбедени средства за вработувања на 250 приватни специјализанти во декември 2020 година, три месеца подоцна не е реализиран ниту еден конкурс.
„Со порастот на бројот на активни случаи и во недостиг на медицински кадар, повторно се бара од оваа група на маргинализирани лекари да работи во ковид-центрите кои се отвораат ширум државата. Бројот на заразени приватни специјализанти, кои работат во ковид-центрите континуирано расте. Во меѓувреме колегите херојски се борат со ковид-19, под овие услови, веќе една година“,
потенцираат од Здружението на лекари специјализанти и апелираат на итно решавање на нивниот статус.