Од Синдикатот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ потенцираат дека протестот може и да продолжи, а тоа, како што велат, ќе зависи од тоа како ќе се одвива исплатата на јануарската плата, која доцни поради хакерскиот напад на ИТ-системот на Фондот за здравствено осигурување
Здравствените работници од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ денеска најавија дека в среда излегуваат на протест и покрај ветувањето што го добиле од директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашкоска дека во понеделник до крајот на работното време ќе им бидат исплатени јануарските плати кои доцнат поради хакираниот систем на Фондот.

„Добивме ветување од директорката на Фондот дека во понеделник до крајот на работното време ќе бидат исплтени платите на Клинички. Ние тоа го почитуваме. Но, доколку не бидат исплатени платите, ние во вторник ќе свикаме извршен одбор, ќе свикаме совет и ќе донесеме одлуки за понатамошни чекори. Независно, во вторник и да бидат исплатени платите, протестот во среда ќе се одржи“,
вели претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Горан Беговиќ, пренесува Телма.
Од Синдикатот потенцираат дека протестот може и да продолжи, а тоа, како што велат, ќе зависи од тоа како ќе се одвива исплатата на задоцнената јануарска плата.

Целата ситуација предизвика проблем и за аптетките кои добија инструкции од Фондот за здравствено осигурување за секој осигуреник за кој нема податок за платен придонес, по 5 февруари да го известат ФЗО за неговите лични податоци за да може да се провери дали конкретното лице има осигурување. Оваа процедура, како што наведува Телма, може да трае и до три дена.
Ова предизвикува затекнатост и нервоза кај граѓаните, односно здравствените осигуреници кои не можат веднаш да ги подигнат потребните лекарства.
„Од кај докторката треба да дојдат рецептите. Кој завршил работа, завршил, Сега откако им падна системот не можеме да земеме лекови. Бев и вчера и денеска. Нема како да се снајдеме“,
пренесува телевизијата изјава на граѓанин.
ИТ-системот на ФЗО прекина со работа на 6 февруари откако беше цел на сајбер-напад, што ги остави здравствените работници од цела држава без јануарската плата и предзвика дополнителни проблеми во функционирањето на системот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека доколку до понеделник не се реши проблемот, платите за здравствениот кадар ќе се обезбедат од Централниот трезор, а потоа ќе се порамнат со трезорот на Фондот за здравство.
Истото уверување пред два дена стигна и од премиерот Димитар Ковачевски, кој во изјава за медиумите рече дека разговарал со министерот за финансии за решавање на проблемот. И премиерот посочи дека е можно платите на здравствените работници да се исплатат преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗО.
ФЗО вчера повторно излезе со уверување до граѓаните дека нивните здравствени и лични податоци се целосно безбедни, демантирајќи ги наводите што се појавија во јавноста дека податоците на граѓаните се украдени.
Оттаму велат дека се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.
На рестартирање на системот по сајбер-нападот и негово враќање во првобитната состојба, покрај домашни, работат и странски експерти.