ДИК треба да избере уште најмалку 70 здравствени работници за посебните избирачки одбори кои во понеделник ќе треба да го спроведат гласањето во домовите на лицата болни со ковид-19 и оние што се во самоизолација
За 32 општини во државата каде се пријавиле за гласање лица болни од ковид-19 и во самоизолација, се уште не се формирани посебните избирачки одбори, бидејќи здравствените работници постојано бараат изземање, информираат од Државната изборна комисија.
Елизабета Постолоска од ДИК побара од здравствените работници сериозно да ги сфатат нивните молби, посочувајќи дека доколку има нови барања за изземања во посебните избирачки одбори, во понеделник во некои општини нема да може да се спроведе гласањето.
„За два дена ние успеавме да исконтактираме 80 луѓе кои претходно беа избрани. Од тие 80 здравствени работници, веќе 50 од нив поднесоа барање за изземање. Многу ми е жал што здравствените работници не ја сфатија сериозно нашата молба за помош. Ние овде сега треба да избереме уште најмалку 70 здравствени работници кои треба да го извршат гласањето во понеделник. Уште еднаш апелирам до сите здравствени работници кои денеска ќе бидат избрани, ве молиме да не сфатите сериозно затоа што ќе останеме без луѓе, нема да можеме да ги спровевдеме изборите. Понеделник мора да имаме здравствени работници“,
рече Постолоска.
Според неа, ДИК две недели прави надчовечки напори да ги пронајде овие луѓе.
Додаде дека имаат разбирање за сите здравствени работници и дека автоматски се изземаат оние кои работат со лица со ковид-19.
„Состојбата станува веќе алармантна. Ги повикувам сите институции – министерот за здравство, директорите на болниците сериозно да ја сфатат оваа работа и да им кажат на здравствените работници дека оваа битка не е само наша. Ние како држава треба сите да се залагаме за да имаме успешни избори. Нема време бидејќи гласањето е в понеделник на 13 јули, а допрва треба да се спроведат и обуките“,
рече таа.
Од друга страна, Кондарко истакна дека не треба да се крева паника и да се обвинува некој, бидејќи како што рече, ДИК постапува по процедура и по законски овластувања.
„Такви се во моментот условите и ние ќе се прилагодиме. Времето е кратко и ќе го спроведеме гласањето согласно нашите обврски и согласно законот“,
рече Кондарко, додавајќи дека ќе се изземе она што е основано, но и дека не може однапред да се генерализира и да се обвинува.
Инаку, пријавувањето за гласање во домашен карантин истече на полноќ, а се пријавиле вкупно 742 гласачи. Оние што евентуално допрва би се заразиле со коронавирусот или ќе бидат ставени во самоизолација нема да можат да гласаат.