Дојави за поставени експлозивни направи денеска добија основни и средни училишта во Скопје и Битола, Меѓународен аеродром „Скопје“, СЦ „Борис Трајковски“, Национална арена „Тоше Проески“, Фудбалска федерација на Македонија, „Ист гејт“, како и неколку хотели. По извршените проверки МВР информира дека сите дојави се лажни
Сите дојави за поставени бомби кои денеска беа испратени на електронските адреси на училишта во Скопје и Битола се лажни. Информацијата попладнево ја соопшти Министерството за внатрешни работи по направените антитерористички проверки.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 8 основни училишта и 19 средни училишта и една градинка во Скопје и девет основни училишта и две средни училишта во Битола, како и Меѓународен аеродром ‘Скопје’, СЦ ‘Борис Трајковски’, Национална арена ‘Тоше Проески’, Фудбалска федерација на Македонија, ‘Ист гејт’, како и неколку хотели, дека добиле пораки на електронските адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се наведува во соопштението од МВР.
Нова серија дојави за бомби утрово беше испратена до повеќе места во Скопје, меѓу кои и хотелот „Александар палас“ каде што во 10 часот требаше да започне годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија.
По дојавата конференцијата се откажа, а на неа беше предвидено да се појави и премиерот Димитар Ковачевски кој требаше да има воведно обраќање.
Покрај „Александар палас“, дојави за бомби денеска имаше и на Меѓународниот аеродром „Скопје“ поради што привремено беа откажани сите летови, трговскиот центар „Ист гејт“ и ФФМ.
Во денешната серија бомби цел беа и средни и основни училишта во Скопје и во Битола.
Закани за поставена експлозивна направа стигнала и во хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје, како и во спортската сала „Борис Трајковски“, како и во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција образложи зошто власта смета дека дојавите за бомби не се изолирани случаи кои ги праќаат некои адолесценти или хакери, туку станува збор за хибридна војна, па наведе дека станува збор за закани кои се со висок интензитет и ист модел во повеќе држави.
Тој потврди дека надлежните сектори во МВР работат на ова прашање во координација со партнерските служби од НАТО, а и потсети дека пораките кои денеска се пуштени кај нас се исти како и пораките кои се праќаат во Црна Гора или други држави.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ 21 соопшти дека веќе ги информирале структурите на НАТО за континуираните дојави за поставени бомби во земјава.
Министерот додаде дека дојавите за бомби во земјава се дел од хибридни закани што се случуваат и во земјите во регионот што, како што рече, било доволна причина за алармирање на НАТО.