Руските власти објавија дека со снајпер се убиени четворицата затвореници кои ја предизвикаа заложничката драма во затворот во Волгоград. Тие претходно со нож ги нападнале чуварите, а дел од службениците ги држеле како заложници. Потврдено е дека досега четворица од нив се мртви
Специјалните сили на руската гарда јавија дека нивните снајперисти ги убиле четворицата затвореници кои ја предизвикаа заложничката драма во затворот во Волгоград, Русија. Светските агенции јавија дека во операцијата се ослободени сите заложници во затворот.
„Снајперисти на специјалните сили на руската гарда во регионот на Волгоград, со четири прецизни истрели, неутрализираа четворица затвореници кои зедоа затворски персонал како заложници. Заложниците се ослободени“,
се прецизира во соопштението на руската гарда.
Киднаперите претходно наводно со нож извршиле напад врз чуварите, а дел од службениците ги држеле како заложници. Потврдено е дека досега четворица од нив се мртви.
„Сторителите им нанеле убодни рани на четворица вработени во затворот, од кои тројца починале. Останатите четворица, кои дале отпор, беа хоспитализирани, а еден од нив починал во болница“,
соопшти Федералната казнено-поправна служба на Русија.
Киднаперите претходно се идентификуваа како борци на Исламска држава. На каналите на Телеграм беа објавени повеќе видеа за кои се тврди дека се на сторителите. Во едно од нив еден од затворениците вели дека затворските чувари „ги прекршиле правата на муслиманите“.
Нападот се случил за време на состанокот на дисциплинската комисија на казнената колонија број 19, соопшти руската Федерална казнена служба.