„Доколку (мотивот) е користољубие, ќе имаше за детето засолниште, а не класично убиство, ќе имаше контакт со мајката или таткото за да се направи таа уцена, за да се принуди некој да даде пари, но не само што тоа не се случило, туку вие не понудивте ниту еден доказ на таа многу важна околност, мотив зошто е сторено делото“, рече обвинетиот Палевски одговарајќи на прашања на обвинителките
Нелогичен и недокажан е мотивот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, рече дека во судницата Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет во случајот за двете грозоморни убиства што се случија кон крајот на 2023 година.

Тој денеска одговараше на вкрстени прашања на обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојановиќ-Димитровска, кои го застапуваат обвинението, откако на претходните две рочишта директни прашања му поставуваше неговиот адвокат Јовица Страшевски.
Како и претходно, така и денеска, Палевски негираше каква било врска со убиствата и повторно тврдеше дека целиот процес против него е монитиран и оти е жртва на политички прогон.
Обвинителките при испрашувањето посочија неколку податоци од казнената евиденција на Палевски, кој, како што наведоа, бил повеќепати осудуван во период од 20 години. Во контекст на ова тие наведоа дека обвинетиот има проблем со почитувањето на законите, на што тој одговори со дополнувања на наводите на обвинителките за кои рече дека се нецелосни и не кажуваат дека пресудите биле условни и на што докрај се однесуваат тие.
Палевски ја оспори веродостојноста на дел од доказите на Обвинитлството, а кои се однесуваат на настаните од 22 номеври 2023 година, денот кога според обвинението се случило убиството на Панче Жежовски.
Тој спомена сведок за кој тврди дека го сретнал тој ден и кој се исплашил од неговото куче, но не можеше да се сети на неговото име. Тврдеше дека тоа лице било тепано од полицијата, но не можеше да наведе конкретни детали за него.
„Јас не можам да се сетам на името и презимето на лицето, но тоа лице постои и има сериозни последици“,
рече Палевски.
Во однос на неговата комуникација на денот на настанот, Палевски негираше дека бил активен на телефонот до 13:14 часот. Според неговото објаснување, тој користел интернет преку Телеграм оти избегнувал јавни телефонски линии за да не биде незаконски прислушуван.
Според него, телефонската анализа не ги објаснува времињата на повиците и интернет-комуникацијата, што ги прави обвинителските докази непотполни.
Во однос на убиството на Вања, тој ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека не постојат докази кои ги поткрепуваат наводите на Обвинителството.
Тој рече дека мотивот користољубие е нелогичен и недокажан.
„Вашиот мотив во обвинението со кое ме обвинувате е нелогичен и недокажан затоа што не сте приближиле ниту еден доказ. Моето компарирање на логики и кажување дека доколку е користољубие ќе имаше за детето засолниште прво, а не класично убиство, ќе имаше контакт со мајката или таткото за да се направи таа уцена, за да се принуди некој да даде пари, но не само што тоа не се случило, туку вие не понудивте ниту еден доказ на таа многу важна околност, мотив зошто е сторено делото. Јас во списите прочитав дека Александар веќе го поседува најскапиот имот на семејството станот во зградата Фонтана каде е грабнато детето кој има вредност преку 250 000 евра и дека остатокот од имотот доколку биде убиена мајката на детето, а не детето, затоа што се малолетни, законски старател е токму Александар, во тој контекст беше кажано дека мотивот не само што не е докажан, туку тотално нелогичен за да биде користољубие и уцена“,
рече тој одговрајќи на прашањата на Обвинителството, пренесе МИА.
Останатите обвинети и нивната одбрана немаа прашања за Палевски.
Судот го праша во врска со магнетните резонанци што ги правел во 2016 и 2020 година, при што Палевски одговори дека тие снимки не биле наведени во списокот на одземени предмети, иако, како што рече, ги имал со себе кога патувал во Белград.
Бранителот на Палевски, адвокатот Јовица Страшевски, во изјава за медиумите по денешното рочиште кажа дека Обвинителството не понудило конкретни докази против обвинетите, туку настапило со прашања со кои само помага во одбраната. „Нејасно ми е зошто Обвинителството наместо да ги нападне обвинитетите со конкретни докази, тие само прочитаа наслови. Како што тргна постапката, така и ќе заврши, со прашања на луѓе кои ги товариш за убиство, да им помогнеш на обвинетите“, рече Страшевски.

Тој повторно се осврна на барањето за дополнително вештачење на чаурата пронајдена во близина на местото каде што е пронајдено телото на Жежовски.
„Чаурата мислам дека е вештачена единствено од кој калибар е и од кое оружје може да се испука. Тоа е навистина срамно за вакво грозоморно убиство“,
рече адвокатот.
Одбраната на Боре Видевски, исто така, во изјава за медиумите го повтори ставот дека е потребна реконструкција на целиот случај. Адвокатот Бојан Манев рече дека тоа произлегува од смата постапка бидејќи, според него, имало најмалку десетина празнини во доказите.
„Проблемот околу оружјето, понатаму проблемот околу снимките. Неколку лица коишто се појавуваат во исказите на обвинитете, а притоа не се сослушани, а произлегува дека се дел од предметот. Никаде во исказите на ниту еден од обвинетите не произлезе поврзаноста со таткото. Така што сметам дека неминовна е потребата од реконструкција“,
рече адвокатот Манев.
Судот прифати да се прибави снимката од банката во која бил Љупчо Палевски на 27 ноември 2023 година во периодот од 9 до 12 часот, но не го прифати барањето за повикување вештаци кои би ја вештачеле чаурата, бидејќи барањето не било навреме доставено согласно Законот за кривична постапка.
Со денешното испрашување од Обвинителството завршши исказот на првообвинетиот Палевски пред судот. Следното рочиште е закажано за 16 мај и ќе продолжи со дополнување на доказната постапка.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.