Мисијата, како што посочи министерот Бујар Османи на Фејсбук, успешно е заокружена откако осумчлено авганистанско семејство претходно ангажирано од НАТО што беше згрижено во Северна Македонија денеска ја напушти земјава
Министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека е завршена мисијата за привремено сместување на Авганистанците кои беа преземени од базата „Бехтел” во Косово во Северна Македонија.
Мисијата, како што посочи Османи на Фејсбук, успешно е заокружена откако осумчлено авганистанско семејство претходно ангажирано од НАТО што беше згрижено во Северна Македонија денеска ја напушти земјава.
„За време на нивниот престој во Северна Македонија, им беше обезбедена континуирана помош и поддршка, како резултат на ефикасната и широка меѓуинституционална соработка, и со голем ангажман од Црвен крст, за што во оваа прилика упатувам благодарност до сите инволвирани во успешната реализација на целокупниот процес“,
стои во објавата на Османи на Фејсбук.
Министерот додава дека со обезбеденото привремено прибежиште на вкупно 68 Авганистанци, уште еднаш се докажавме како кредибилен НАТО-партнер и придонесовме да се ослободат силите на Алијансата ангажирани во базата „Бехтел” во Косово и да дејствуваат во полн капацитет на Источното крило, а во контекст на заканите кои доаѓаат по земјите членки во тој дел, како последица на руската инвазија врз Украина.