По инспекцијата на парцела на улицата Питу Гули на Водно, која се наоѓа во сегашната шума, општината Центар издаде соопштение во кое само се констатира она што го пренесоа и мештаните и медиумите – се оградува место за идна градба, откако сопственикот добил градежна дозвола.
Локалната власт вели и дека „дополнително ќе го разгледа проблемот“, додека од Град Скопје се уште нема одговор – дали е одобрено барањето за сеча на дрва на парцелата
Утрово, во 6 и пол часот, на улицата Питу Гули на Водно дошле работници но и лица за обезбедување. Наскоро, почнале со работа – да оградат една од парцелите која во моментов е практично шума, односно почеток на шумата на Водно во тој дел од населбата. На хартија, имотот е на компанијата „Маркеза“ и за локацијата имаат добиено одобрение за градба.

Причината поради која реагираат жителите е што до пред некоја година, таа парцела не беше градежно земјиште. Не беа градежно земјиште ниту уште неколку околни парцели нагоре по ридот, на кои исто така има шума. Ама тоа се смени со директна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години, а градоначалниците и извршната власт предводена од СДСМ потоа не успеаја да го „вратат“ ридот. Па сега, парцелата на фирмата „Маркеза“ е пред градба. А ако изгради „Маркеза“, потоа се отвора патот да градат и другите погоре на ридот, меѓу кои Кара на Камчеви, МАНД на Петар Наумовски, ЕКСИКО на тајните сопственици од Лугано, Швајцарија.

„Со обезбедување дојдоа во 6 и пол сабајле, иако вчера на средба во Општината добивавме уверувања дека ќе преземат сѐ што е во нивна моќ за да го спречат ова. Ние сто пати прашавме што ако дојде утре сопственикот и почне да сече шума, да гради. Општинарите нѐ уверуваа дека се бараат правни механизми. Очигледно е дека мудро е темпиран периодот, во време на празници, секако сабајлечки, но објаснете ми, ве молам, кој во оваа земја го штити интересот на граѓаните?! Кажете ми зошто јас и моите соседи треба некогаш повторно да им веруваме на институциите или, пак, да ги извршуваме нашите граѓански должности“,
вели Леана Таќи, жителка на Водно.
Градежниот инспектор од општина Центар на терен го видел она за што граѓаните и медиумите веќе известија. Во соопштението до јавноста прво објаснија дека реагирале по допрен глас. Веднаш потоа, во дописот до јавноста се објаснува дека барањето за одобрение за градба било доставено на 17 декември 2020 година, а дека градежната дозвола била издадена на 7 април 2021 година и тоа дека била „потпишана од поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ“.
Дури потоа има информација – што открила инсепекцијата на терен и што ќе направи во иднина.
„По извршениот увид од страна на овластен градежен инспектор, постапувајќи по Законот за инспекции, утврдено е дека инвеститорот, Маркеза ДООЕЛ не врши градежни дејствија, туку се работи за оградување на плацот, кој е во негова приватна сопственост.
Општина Центар ќе изврши консултации со засегнатите страни и дополнително ќе се разгледа проблемот и заедно со надлежните институции, Градот Скопје и во соработка со жителите ќе се бара решение за состојбата во овој дел од општината.
соопштија од општина Центар.
Од „Шанса за Центар“ сметаат дека Општина Центар треба да ги сопре сите градежни активности на Водно.
„Научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот. На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрински часови во вторникот, инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата“,
реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која има тројца советници во актуелниот Совет на Општина Центар.
Фирмата „Маркеза“ ДООЕЛ од Скопје, како што објави Истражувачката репортерска лабораторија, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Во текстот на ИРЛ е пренесена и изјава на архитектот Мирослав Грчев дека е противзаконски да се издаде дозвола за градба ако до неа нема пристапен пат. Екс-градоначалникот Богдановиќ, пак, за „360 степени“ тврдеше дека сообраќајниот пристап може да се прави паралелно со градбата.
Покрај дозволата за градба на „Маркеза“, која ја потпиша Богдановиќ, „360 степени“ веќе објави дека во процедура во Општина Центар се барања за одобрување на идеен проект и за одобрување на урбанистички проекти за соседната парцела, во сопственост на Богдан Георгиевски.
Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски,во интервју за „360 степени“ кажа дека бараат правни механизми како да ги спречат градбите на Водно.
„Во овој дел каде е дадена дозвола и таа е правосилна, ќе разгледаме начини како тоа да продолжи понатаму. Ама може утре сопственикот да си го затвори, приватно земјиште е. Има добиено дозвола и правосилност. За самата таа парцела ќе поразговараме на една поголема средба со жителите и со инвеститорот. А, за другите понатаму, ќе се борам и ќе дадам се од себе тоа да не продолжи“,
кажа Герасимовски.