Одбраната на Јанакиески, пак, во завршните зборови побара ослободителна пресуда бидејќи смета дека ниту во обвинението ниту од доказите не се покажало кои дејствија ги презел ексминистерот и за кое кривично дело, како и пред кои органи и спротивно на која законска одредба
Затворски казни за ексминистерот Миле Јанакиески и членовите на Комисијата за јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски, побара денеска обвинителот Бурим Рустеми во завршните зборови за случајот „Топлик“, кој се однесува на изградбата на населбата Сончев Град.
Јанакиески и шестемина обвинети се товарат за делото злоупотреба на службената положба и овластувања, а обвинителот побара ефективни казни со оглед на степенот на кривична одговорност и последиците од делото, како и фактот дека воопшто не изразиле каење во текот на постапката.
Според Рустеми, како што пренесе МИА, со изнесените докази во текот на судскиот процес, обвинителството успеало да ја докаже вината односно дека обвинетите нанеле штета на буџетот на државата во висина од еден милион евра, како исплатена камата на израелската фирма „Сан сити“ поради неспроведливоста на договорот од спроведеното јавно наддавање за продажба на земјиштето за комплексот Сончев Град.
Факт е, нагласи во својот завршен збор обвинителот, дека проектот за изградба на комплексот Сончев Град од 100 милиони евра директно го координирал Миле Јанакиески, како и постапката за спогодба и отуѓување на земјиштето.
„Фактот дека Миле бил решен да се реализира јавното наддавање се гледа од притисокот врз работата на членовите на првата Комисија, кои поради немање нумерички податоци за парцелите одбиле да го објават јавното наддавање, по што тој ја разрешил и формирал нова Комисија во која членуваат сега обвинетите. Тие иако знаеле дека претходната Комисија одлучила дека нема услови за прогласување на јавно наддавање, за да ја исполнат желбата на првообвинетиот веќе утрешниот ден на 04.04.2007 година го објавиле јавното наддавање со истите недостатоци и без нумерички податоци за парцелите со што нивната продажба била неспроведлива и со тоа го прекршиле законот“,
изјави Рустеми.
Апсурд на одбраната на сите обвинети дека не биле надлежни за објавата, нагласи Рустеми, е што со нивната изјава се контрадикторни со информацијата која ја доставиле до министерот Миле Јанакиески и самите ја потпишале документацијата пред објавувањето на јавното наддавање.
Обвинителот посочи дека од вештачењата се гледа оти од вкупно 616 парцели од јавното наддавање само за 24 имало нумерички податоци, со што израелската фирма, која го добила јавното наддавање четири години не можела да почне со градба, по што ги активирала гаранциите од еден милион евра.
Одбраната на Јанакиески, пак, во завршните зборови побара ослободителна пресуда бидејќи сметаат дека ниту во обвинението, ниту од доказите не се покажало кои дејствија ги презел ексминистерот и за кое кривично дело, како и пред кои органи и спротивно на која законска одредба.
Еден од адвокатите на Миле Јанакиески, Дончо Наков, во завршен збор укажа на тоа дека во судницата за овој предмет го нема единствениот надлежен орган кој може да се произнесе за настанатата штета.
„Денеска никој не пријави штета, ниту по висина и основ, ниту каде и како произлегува штетата. Не може обвинителот, се знае кој може да се произнесе за штета“,
изјави Наков.
Одбраната се осврна и на прашањето за овластен тужител, укажувајќи дека постапката почнува од обвинителен акт на СЈО од 2017 година, а завршува со друго обвинителство ОЈО.
Наков, исто така, реагираше и дека иако предметот се однесува на продажба на градежно земјиште никаде во текот на постапката не се зборувало за Законот за земјиште и некои прекршени норми.
Адвокатот Еленко Миланов, кој исто така му е бранител на Јанакиески, смета дека не постојат елементи на сторување на кривичното дело поради што предложи ослободителна пресуда.
Миланов на Судот му предложи да донесе ослободителна пресуда за Миле Јанакиески, со оглед на, како што рече, тоа дека не постојат елементи на сторување на кривичното дело.
„Постојат сите потребни документи согласно законот за градежно земјиште и уредбата за постапување. Денеска застапникот на обвинението сакаше да убеди дека делото е сторено со тоа што Комисијата доставила информација за објава. Но, господа судии во оваа информација стои дека се исполнети услови за издавање на објава“,
рече Миланов во завршните зборови.
Во однос на елементот на штета, адвокатот кажа дека исплата на законска затезна камата се применува за секое задоцнување или користење туѓи средства и не може да претставува кривично дело.
Заврши зборови даде и адвокатката Сања Алексиќ, која посочи дека Јанакиески не учествувал во работата на Комисијата и не може да стане збор за соучесништво, што се покажува од исказите на самите членови.
Од доказите, рече таа, се гледа дека јавниот обвинител не ја докажа неговата теорија на случај дека Јанакиески и покрај тоа што знаел дека има недостатоци склучил договор со „Сан сити“, кој потоа не можел да се спроведе во Катастар.
„Му укажуваме на Судот дека од изнесените докази неспорно може да утврди со што бил запознаен Јанакиески, а тоа е извештајот на втората Комисија, кој е адресиран до него и со кој Комисијата го известува дека се исполнети условите и предлага да се склучи договорот со ’Сан сити‘. Истовремено не се докажа дека во моментот на потпишување министерот знаел дела договорот не може да се реализира“,
изјави Алексиќ.
Таа, исто така, рече дека не се докажале и наводите на обвинителството дека со склучената спогодба со „Сан сити“ и исплатената штета од еден милион евра е оштетена државата, туку напротив постигнат е успех за државата со тоа што е вратен влогот и државата исплатила само камата за две години, а инвеститорот се откажал од понатамошна тужба.
Фото: МИА