Осуденик кој ја издржува казната затвор во Штип е позитивен на ковид-19. Ова е прв случај на коронавирус во штипскиот затвор, а директорот Мики Тодоров вели во изолација се ставени девет осудени лица, еден вработен во затворот, додека на лекарот, стоматологот и на медицинскиот техничар во затворската амбуланта им е наложено да се тестираат.
„Немаме конкретни информации, како осуденото лице се заразило, претходната недела имавме вработен позитивен на коронавирус, но може да биде и заразен од друго осудено лице, кое во изминатиот период користел викенд отсуство, во полуотворено одделение, по појавување на првите симптоми веднаш во консултации со затворскиот лекар е изолирано од остантите осудени лица. Во стабилна здравствена сосотојба е спроведен на Инфективно одделение, каде што му извршен преглед и дадена соодветно терапија“,
вели Тодоров за МИА.
Во штипскиот затвор преземени се сите мерки и осудените лица, кои се ставени во изолација се наоѓаат во посебна просторија. Извршена е и дезинфекција на затворот, а заразеното осудено лице било сместено во полуотвореното одделение.
Министерството за здравство денеска информираше дека во последните 24 часа се регистрирани 317 нови случаи на ковид-19 во целата земја.