На осудениот Смит треба да му се стави маска на лицето преку која ќе вдишува нитроген, а последицата е смрт поради недостиг на кислород
Врховниот суд на САД вчера одби да го запре процесот на извршување на смртна казна во Алабама, на осуденикот Кенет Смит, која треба да биде спроведена со сосема нов метод на употреба на азотен гас, што според одредени експерти се карактеризира како процес кој може да доведе до прекумерна болка, па дури и тортура.
Смит се очекува да биде погубен поради учество во нарачано убиство во 1988 година.
На осудениот Смит треба да му се стави маска на лицето преку која ќе вдишува нитроген, а последицата е смрт поради недостиг на кислород.
Досега во САД никогаш не е извршена смртна казна на ваков начин.
Државата пред 14 месеци го прекина обидот да го погуби Смит со смртоносна инјекција, бидејќи службениците не можеле да постават интравенска линија пред да истече налогот за извршување.
Смит и неговите адвокати минатата недела побараа од Врховниот суд да ја паузира егзекуцијата за да може да се отвори расправа дека обидот тој да се погуби по втор пат ќе значи сурова и невообичаена казна, прекршувајќи ги осмиот и 14-тиот амандман.
Сепак, судиите ги одбија барањата на Смит. Тие не дадоа објаснување во нивната кратка објава.
Експертите на Обединетите нации изразија тревога поради претстојната егзекуција на Смит.
„Загрижени сме дека азотната хипоксија би резултирала со болна и понижувачка смрт“,
велат тие.
Високиот комесаријат за човекови права на ОН ја повика Алабама да ја запре егзекуцијата, велејќи дека тоа може да претставува тортура или друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување според меѓународното право за човекови права.
Смит беше осуден на смрт во 1996 година за нарачано убиство извршено осум години претходно. По жалбата, поротата всушност препорача доживотен затвор, но одговорниот судија ја игнорираше оваа препорака. Законот што му го овозможи тоа не постои од 2017 година.