Затвореникот имал за издржување уште три години и осум месеци
Д. К. (48) од Куманово утрово избегал од казнено-поправната установа затвор „Идризово“, каде што издржувал затворска казна од 13 години и шест месеци за повеќе кривични дела, а имал за доиздржување уште три години и осум месеци.
Откако избегал, се впуштил во уште едно кривично дело – со пиштол влегол во казино во скопската населба Гази Баба и од вработената одзел пари, по што полицијата го уапсила.
„На улицата ‘Благоја Стефковски’ на подрачје на Гази Баба, полициски службеници од Специјален тим при СВР Скопје го лишиле од слобода Д. К. (48) од Куманово. Тој бил фатен веднаш откако со закана со пиштол одзел пари од вработен во казино на ул. ‘Благоја Стефковски’“,
стои во полициското соопштение.
Полицијата соопшти дека при лишувањето од слобода полициските службеници испукале еден предупредувачки куршум. Кај него биле пронајдени и одземените пари и пиштол со муниција.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава и ќе биде спроведен во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.