При контрола на угостителски објекти, вчера во Тетово поради прекршување на прописи во време на пандемија прекината е свадбена веселба, а затворени се два локала и приведени се сопствениците. На свадбата во угостителски објект на улицата „Видое Смилевски-Бато“ биле затекнати 80 гости.
„Контролата во овој објект е извршена вчера во периодот од 18:00 до 20:45 часот во Тетово од страна на полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат, а менаџерот Д.С. (38) од село Мала Речица, Тетовско, бил лишен од слобода и задржан во полициска станица“,
информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Подоцна околу 23 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Д.С.(30) од тетовски Лешок, затоа што неговиот угостителски објект во Лешок работел по дозволеното време и во него биле послужувани гости. Исто така, сопственикот е приведен за расчистување и документирање на случајот.
„За сопственикот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“,
информира Јосифоски.
Објектот бил времено затворен од Државниот пазарен инспекторат.