Според партиските брифинзи од лидерската средба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги спорел документите на Комисијата за заразни болести, ДИК и на ОБСЕ и предложил изборите да се одржат на крајот на летото, односно на 13 септември
Повеќе од два часа трае лидерската средба во вилата „Водно“, а според неофицијалните информации што доаѓаат од партиските табори, засега нема приближување на позициите околу датумот за спроведување на изборите.
Според брифинзи од СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги спори документите што ги доставиле Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ/ОДИХР, а за кои тврдеше дека лично ги побарал на претходната лидерска средба, минатата седмица.
Според СДСМ, Мицкоски, иако и овој пат се обидувал да го одолговлекува одржувањето на изборите, самиот посочил дека ОБСЕ/ОДИХР не може да преземаат конкретни активности без утврден датум за гласање и се согласил дека треба да се утврди термин.
Но, за разлика од СДСМ, од каде што инсистираат на брзи избори до крајот на следниот месец, според дел од медиумите, Мицкоски предложил изборите да се одржат на крајот на летото. Според брифинзите од ВМРО-ДПМНЕ, овој период е предложен како најмалку опасен по здравјето на граѓаните и дотогаш се очекува стабилизирање на корона-кризата. Како посакуван термин за Мицкоски за одржување на изборите се спомнува 13 септември.
