Според државниот советник Димковски, има доволно пченица во млиновите, а планот на кој се работи со коморите во наредните денови ќе биде доставиме до српската Влада и во тој дел ќе продолжат разговорите, со цел редовно снабдување
Во моментов нема поголемо нарушување на пазарот поради што нема ниту потреба од активирање на државни резерви пченица, рече денеска државниот советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Како што посочи движењето на цените се следи, но и се работи на динамичен план преку стопанските комори.
„Нема потреба од активирање на резервите, имаме доволно пченица во млиновите, а планот на кој работиме со коморите во наредните денови ќе го доставиме до српската влада и во тој дел ќе продолжиме со разговорите со цел редовно снабдување“,
истакна Димковски откако министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека од денеска почнува забраната за извоз на пченица, пченка, јачмен, брашно и масло.
Димковски информира дека интензивно се разгледуваат и други мерки за поддршка: 25 отсто субвенција на вештачките ѓубрива кои се главни во прихранување на посевите, пред се на пченицата и јачменот, зголемување на поддршката за „зелена нафта“ ако продолжат да поскапуваат бензините, а калкулацијата ќе се направи во април, како и обезбедување финансиска поддршка за складирање на пченицата за што трошоците на земјоделците ќе бидат покриени.
„Моментно има и 7 000 хектари државно земјоделско земјиште кое набргу ќе биде објавено на повик. Земјоделците ќе може да аплицираат, но со назнака дека земјиштето треба да е наменето за производство на пченица и јачмен, односно за полјоделски култури“,
рече Димковски.
Веќе е разговарано, дополни, и за промена на одреден модел кај стоковните резерви.
„Кога зборуваме за гарантиран откуп, зборуваме за договорно производство. Ги охрабруваме производителите и откупуавчите врската меѓу нив во овој сегмент да ја засилат, да биде уште појака. Но во пазарна економија не може да најдете загарантирана цена. Ние ја следиме производната цена и врз основа на неа интервенираме за да го задржиме нашето производство“,
објасни државниот советникот во МЗШВ.