Министерството за одбрана (МО) е на истиот став како и претседателот Стево Пендаровски, односно дека досега нема никаков план ниту, пак, консултативен процес кој е во насока на враќање на задолжителното служење воен рок
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ѓурчиновски, синоќа во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21 порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска, додавајќи дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри
Досега нема никакви планови за враќање на задолжителниот воен рок, информираа денеска од Министерството за одбрана (МО), откако вчера началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во телевизиска емисија изнесе лично мислење дека според него задолжителното служење воен рок треба да се врати како обврска.
„Армијата на Република Северна Македонија е целосно професионална Армија и досега нема никакви планови, ниту консултативни процеси за враќање на задолжителното служење воен рок“,
посочија од Министерството за одбрана.
Оттаму додаваат дека одлуката за професионална војска, пак, ќе продолжи да се применува истовремено исполнувајќи ги сите обврски на државата кои произлегуваат од членството во Алијансата.
„Министерството за одбрана е институција во која секој професионалец има право, можност, но и обврска да го каже својот став и истиот да биде слушнат. Ако постои интерес во јавноста, Министерството е отворено да дискутира за секое прашање, вклучително и ова“,
се вели во соопштението од МО.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ѓурчиновски, синоќа во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21 порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска, додавајќи дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри.
Според него, служењето воен рок би бил задолжителна обврска за машката популација која би траела од три до четири месеци, а, како што рече, може да се отвори и простор за служење на воен рок и кај женскиот пол, но не на задолжителна туку на доброволна основа.
Прашан за став во врска со изјавата на Ѓурчиновски, шефот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски претходно денеска кажа оти државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во Армијата ниту во изминатиот период ниту, пак, како што рече, таква можност е отворена за во иднина.