„Укинувањето на обврската за задолжително служење воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО“, вели шефот на државата и врховен командант на вооружените сили
Началникот на ГШ, генерал-потполковник Ѓурчиновски, синоќа во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето војска. Тој смета дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри
Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во Армијата ниту во изминатиот период ниту, пак, таква можност е отворена за во иднина, вели претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, во одговор на прашање на МИА да го изнесе својот став во врска со вчерашната изјава на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој во телевизиска емисија изнесе лично мислење дека според него задолжителното служење воен рок треба да се врати како обврска.

„Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО. Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина. Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО“,
истакнува шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили.
Началникот на ГШ, генерал-потполковник Ѓурчиновски, синоќа во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска. Тој смета дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри.

„Јас можам да го кажам стручниот аспект на состојбите и визијата за наредната декада за развојот на вооружените сили, но ќе оставам простор и можност на јавноста, на експертите дури и на политичките партии во периодот кој претстои малку подетално да се зафатат со дискусија на оваа тема. Јас ќе го кажам мојот личен став: Дали има потреба за воведување на воен рок категорички ќе кажам – да! Знам дека за одредена популација оваа нема да биде популарна мерка меѓутоа ќе ги образложам причините зошто… Би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие пред малку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад, постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека служевте воен рок“,
рече вчера Ѓурчиновски.
Според него, служењето воен рок би бил задолжителна обврска за машката популација која би траела од три до четири месеци, а, како што додава началникот на ГШ на Армијата, може да се отвори и простор за служење на воен рок и кај женскиот пол, но не на задолжителна туку на доброволна основа со, како што вели, соодветни бенефиции што би вклучувале можност за вработување во безбедносните сили.