Започна средбата на премиерот Зоран Заев со коалициските партнери во Владата, на која тој треба да ги информира за договорот што го постигнал со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, за влез на оваа партија во владејачката коалиција.

Пред почетокот на средбата, претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, рече дека се прават пошироки консултации, по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена.
„Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата“,
рече Трајанов кој нагласи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија, дали ќе се даде фокус на стратешките прашања итн.
И лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, рече дека за нејзината партија е важно да се види кои ќе се програмските приоритети на новата Влада, што ќе биде дел од програмата, кои ќе бидат приоритетите …
Претседателот на НСДП, Тито Петковски пред средбата порача дека засега нема ниту аргументи „за“ ниту „против“, а изјава во јавноста ќе даде откако ќе слушне за постигнатиот договор со Алтернатива.
Според договорот кој вчера го објавија Заев и Гаши, Алтернатива во новата Влада ќе предложи три министри: за здравство, за информатичко општество и администрација и министер без ресор задолжен за дијаспора. Исто така, Алтернатива ќе назначи и три заменици-министри, а ќе преземе одговорност и во менаџирањето на повеќе институции меѓу кои: МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.