Од Царина додаваат дека три лица ќе одговараат кривично, а за едно лице ќе биде поднесена прекршочна пријава
Речиси 780 килограми режан тутун, чија вредност се проценува на околу 3,4 милиони денари, биле запленети во Битола и ресен од страна на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа.
Тутунот, како што соопштуваат од Царинската управа, е запленет при претреси на домови и помошни простории, а и при контроли на градските пазари.
Од Царина додаваат дека три лица ќе одговараат кривично, а за едно лице ќе биде поднесена прекршочна пријава.
„Во предистражната постапка од овие дела е утврдена директна штета врз Буџетот во висина од 2,8 милиони денари“,
се наведува во соопштението.
Во појаснувањето од Царина се вели дека на 13 декември Основниот суд во Ресен издал наредба за вршење претрес на помошни простории што се користеле како дуќан од страна на лицето С.Т. од Ресен при што биле пронајдени околу 259 килограми режан тутун.
Извршени биле контроли и на градскиот пазар при што од лицето Р.Н. од Ресен биле одземени 100 килограми режан тутун.
Истиот ден по издадена наредба од Основен суд во Битола бил извршен претрес на помошни простории што се користеле како гаражи од страна на лицето Ѓ. К. при што биле пронајдени околу 283 килограми режан тутун.
Дополнително, при контроли на градскиот пазар во Битола, од истото лице се одземени уште 88 килограми режан тутун, како и дополнителни 49 килограми режан тутун од лицето Т.Н.