Мицкоски бара одговорност за уништувањето на билбордите на кои, покрај ликот на лидерот на СДСМ, има и слика од торба „луј витон“, и сегмент од ПИ-мерките за „Поткуп“
Билборди со ликот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дополнети со слика од торба „луј витон“ и со сегмент од ПИ-мерките за случајот „Поткуп“ се уништени на различни локации во Скопје.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави денеска дека овие билборди не се „црна кампања“ против Заев, туку дека ја отсликуваат реалноста во државата.
„Ако го боли вистината, тогаш нека го разбере тоа и како оцрнување“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека овие билборди, освен што биле бојадисувани, биле и запалени. Полицијата, како што рече, фатила лица кои ги палат билбордите.
„Да им порачам да бидат достоинствени. Да ја прифатат критиката и да не уништуваат приватен имот. За тоа ќе има кривична одговорност. Нека не слушаат слепо наредби од луѓе кои ќе треба да се соочат со одговорност по 12 април“,
рече Мицкоски.
Во билтенот на МВР за ноќеска има информации за опожарени билборди на две локации во централното подрачје на Скопје.
Ноќеска во 2.20 часот во Бригадата за противпожарна заштита во Скопје било пријавено дека на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е опожарен билборд. Пожарникарите веднаш излегле на терен и го изгаснале пожарот. Во 1.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Васил Ѓоргов“ е опожарен билборд. До билбордот е пронајдено шише во кое имало непозната течност.