Ваквиот потег на Димитровски доаѓа по вчерашната одлука на партиските тела на ДС, партијата да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција
Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски-Жоро, кој доаѓа од редовите на Демократскиот сојуз, поднел оставка од функцијата и ја доставил до премиерот Димитар Ковачевски, информира за „360 степени“ лидерот на ДС, Павле Трајанов.
Ваквиот потег на Димитровски доаѓа по вчерашната одлука на партиските тела на ДС, партијата да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.
ДС има една директорска позиција во јавно претпријатие, односно во „Службен весник“ и, согласно партиската одлука, и тој треба да поднесе оставка од функцијата.
„Одлуката е сите носители на функции од нашата партија да си поднесат оставки“,
изјави Трајанов за „360 степени“.
Тој не знаеше да каже дали функционерите ќе поднесат барање до Владата за користење апанажа бидејќи, како што рече, во Демократски сојуз како демократска партија секој самостојно одлучува за тие прашања.
Димитровски оставката од функцијата заменик-министер ја објави на Фејсбук.
ДС, по седницата на Претседателството и Централниот совет, синоќа донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство, соопшти на прес-конференција партискиот лидер Павле Трајанов. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.
„Централниот совет заклучи дека ниту една од нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела кои беа усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, но и пред формирањето на оваа влада, не е имплементирана. Имавме договор Македонија да биде една изборна единица, односно да се направат системски реформи во изборните правила. Беше подготвен закон кој помина на собраниските комисии за политички систем и законодавно-правната, но тој сега е блокиран бидејќи спикерот Талат Џафери не ја закажува седницата за овие законски промени. Тоа беше нашата главна определба“,
рече Трајанов.
Тој додаде дека не биле исполнети уште две важни програмски цели, а тоа се реформите во судскиот систем и борбата против корупцијата.
„Баравме реформи во судскиот систем преку ревизија на работата на секој судија и утврдување на неговата имотна состојба. Имавме подготвено закон за преиспитување на факти и докази користени во судски процеси. Овој закон ги помина матичните комисии и сега е блокиран, односно не се става на пленарна седница. Што се однесува до борбата против корупцијата, баравме да има посериозен пристап и силна волја на сите партии. Предложивме формирање на агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и корупција. И за овој проект немаме поддршка. Има и други работи, предлагаме да се формира фонд, два отсто од буџетот за бизниси на младите и секој студент, штом ќе дипломира, да се вработи во јавниот или во приватниот сектор на сметка на буџетот година дена. Ова е мерка која се применува во Канада и сметаме дека со неа ќе се задржат младите да не заминуваат од Македонија. Но и за тоа немаме поддршка“,
изјави Трајанов.