Од почетокот на грејната сезона набавките на гас се реализираат на кратки временски интервали бидејќи, според Владата, на овој начин се прават заштеди со падот на цената на природниот гас на светските пазари
Резервите на гас наменети за топланите „Исток“ и „Запад“ завршуваат денеска, а најава за нова набавка сè уште нема поради што останува неизвесно дали илјадници домаќинства во Скопје ќе се останат со ладни радијатори во ек на грејна сезона, пишуваат медиумите.
Од „Електрани на Северна Македонија“ во кус допис за Телма потенцирале дека средства за нова набавка има и дека нема да се случи прекин во дистрибуцијата на топлинска енергија, сепак, не навеле дали е склучен договор за нова набавка.
Државната компанија најави дека ќе се обиде да користи дизел за производство на топлинска енергија, но планот пропадна откако нивното барање беше одбиено од Министерството за животна средина поради високата емисија на штетни гасови при користењето на овој вид на енергенс.
Во образложението се вели дека се додека на пазарот има гас на располагање нема да се овозможи користење на друго гориво, а се нотира и дека топланите немаат соодветни филтри за да се преориентираат на нафта или мазут.
Од почетокот на грејната сезона набавките на гас се реализираат на кратки временски интервали, бидејќи според Владата, на овој начин се прават заштеди врз падот на цената на природниот гас на светските пазари.
Жителите пак на Скопје Север, како што наведува Телма, веќе неколку дена се без греење. Топланата нема доволно финансии за набавка на гас, а Град Скопје не дозволи да користат мазут.
Во меѓувреме поради ладните радијатори голем дел од учениците во основните училишта во општина Чаир не посетуваат настава, а градоначалникот на општината побара координација на сите институции за надминување на кризата.
Претседателката на партијата ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, во интервју за МИА бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас, во интерес на здравјето на граѓаните.
Морачанин вели дека ќе инсистираат да се почитува нивниот став и барање работата на топланите да продолжи на гас и да не се префрлуваат на дизел или мазут, коишто навистина многу загадуваат, бидејќи тоа многу ќе се рефлектира на загадувањето на воздухот во Скопје.
„Состојбата е тешка и затоа велам ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која ја организираше премиерот Ковачевски со сите претседатели на политичките партии во Парламентот и го истакнав ова прашање. Нашиот став како ДОМ и наше барање беше да продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или мазут коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје“,
вели Морачанин.
Таа додава дека дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните е топланите да продолжат да работат на гас.
На оваа тема Морачанин зборувала и со министерот за животна средина и нејзини очекувања се дека топланите ќе продолжат да работат на гас.