Овде во Брисел видливо е расположението кај мнозинството земји-членки на унијата на самитот во јуни да донесат одлука за старт на преговори со земјава. Но, видлива е и воздржаноста на неколку влијателни членки, пред се Франција, за прашањето за натамошното проширување. Ова, како и точката за напредокот на Северна Македонија, беа главна тема на работниот појадок организиран од Грција и Романија, на кој присуствуаа 16 министри за надворешни работи.. Франција ја претставуваше нејзиниот амбасадор во унијата.. Атмосферата била позитивна, велат учесниците, меѓу кои беше и еврокомесарот за проширување кој одговори на неколку прашања на „360 степени“.
– Тоа беше многу добар состанок. Помина во атмосфера на поддршка. Но, се разбира, има уште време до нашиот извештај и, во меѓувреме, Северна Македонија мора да испорача во неколку реформски области што се договорени. Нема причина да сме самозадоволни, но бевме уверени од министерот и вицепремиерот дека работите се движат. Повторно, реакциите на министрите за надворешни работи беа во насока на поддршка.
Кои се најважните работи што заслужуваат поголемо внимание?
– Не повеќе внимание туку одржлива имплементација. Колегите забележаа дека носењето закони е една работа, а спроведувањето на законите е нешто друго. Се чини, сите ги фалат мерките преземени од владата, но и честата поддршка од опозицијата што, исто така, е важно за позитивно расположение меѓу земјите-членки. Ако национална цел, како што е идното членство во Унијата, е поддржано од сите клучни играчи во една земја, се смета дека е национална цел. Но, уште еднаш, борбата против корупцијата, законот за специјалното обвинителство и за безбедносните служби, сето ова се суштинските елементи за следните неколку недели. Се разбира, мора да видиме и како во иднина ова ќе се имплементира. Сепак, сите беа јасни дека ова е почеток на едно долго патување.
Што е со земјите кои се скептични кон проширувањето, како Франција?
– Па, денеска тие во голема мера беа, ако можам така да кажам, едногласни во ставот дека се наградуваат постигнувањата, договорот од Преспа и неговата имплементација, и тоа е она што е важно. Уште еднаш, тоа е големо постигнување, но останува да се направат уште многу работи и тоа е вистинскиот пат за напредок.
Во кратко интервју за „360“, шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во духот на новите односи меѓу двете земји, беше јасен во ставот дека земјава треба да добие преговори.. „Северна Македонија испорача и со преспанскиот договор и во делот на реформите и сега унијата треба да испорача“ – вели Катругалос.
– Грција ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Но, ова е процес базиран на заслуги. Сакавме да истакнеме дека Северна Македонија веќе испорача, со договорот од Преспа и со сериозни реформи поврзани со новата законска рамка за борба против криминал и реформа во јавната администрација. И дека ќе продолжи да испорачува. Ние, Европската Унија, треба да возвратиме. Тоа, во основа, е суштината на пораката од овој состанок. Дека има јасен интерес и за ЕУ и за Северна Македонија и за нашите граѓани и за самата европска идеја да се продолжи во јуни со охрабрување на европските перспективи на нашиот северен сосед.
Какви се шансите во јуни да се добие одлука за почеток на пристапни преговори за Северна Македонија, имајќи го предвид скептицизмот на некои земји-членки, како Франција?
– Има легитимни причини за загриженост ако се земе предвид актуелниот распоред на силите во Европската Унија. Имаме еден судир на идеи – каква Европа сакаме? Но, мислиме дека токму поради ова, бидејќи Северна Македонија ја прифати идејата на отворените општества, на решавање на проблемите преку дијалог, одбивање на нетолеранцијата и ксенофобијата, треба да го охрабриме нејзиното пристапување. Тоа ќе ни помогне на сите, на Европејците кои веруваме во Европа на човекови права и слободи, а не во европска тврдина, да ја зајакнеме нашата позиција.
На крај, дали сте задоволни од досегашното спроведување на договорот од Преспа?
– Да. Има проблеми, но и двете страни ги разгледуваат проблемите што се појавуваат и се обидуваме да ги решиме веднаш. Значи, обете страни се посветени да го почитуваат духот и словото на договорот од Преспа и покрај проблемите што се јавуваат и за кои е логично да се појават. Се справуваме со нив.
Поради изборите за европскиот парламент во мај, годишните извештаи за земјите-аспирантки Европската Комисија ќе ги објави најверојатно на 29-ти мај. Краткиот период од објавувањето на извештаите до одржување на самитот на ЕУ во јуни, е дополнителна компликација во целиот случај.
Министерот Димитров по појадокот имаше одделна средба со шефот на германската дипломатија Хајко Маас. Берлин е клучен во целата приказна, како поради влијанието, така и поради фактот што одлуката за преговори прво мора да помине во Бундестагот, кој ќе има многу краток рок да го направи тоа – во првата недела од јуни.
Утре овде во Брисел ќе се одржи и состанок на Советот за стабилизација и асоцијација мегу унијата и Македонија, што е и една од причините за присуството на владиниот врв. Состанокот ќе го води премиерот Заев кој освен со претстатвници на ЕУ, ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО. Столтенберг, денеска во присуство на шефицата на одбраната Шекеринска, зборувајки на конференција за зајакнувње на трансатлантската соработка, го спомена и проширувањето со новата 30-та членка.
„Ова беше возможно поради историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за спорот за името, со што заврши речиси тридецениското несогласување. И ветува поголема стабилност и просперитет за целиот регион“, рече Столтенберг.
„Домашните реформи, пробивот со Бугарија и особено со Грција покажаа дека НАТО се уште ја има моќта да привлекува. Со оваа моќ да привлекува, има и моќ да трансформира. Верувам дека примерот на Северна Македонија, која се зачленува во НАТО , но исто така Северна Македонија која ги решава сите свои проблеми со соседите и се ангажира за значајни домашни реформи, може да биде позитивниот пример што политиката вообичаено го бара. Особено во нашиот дел од регионот“, рече Шекеринска.
Ако за членството во НАТО работата е речиси завршена, за ЕУ патот не само што ќе биде долг, како што вели Хан, туку се уште е неизвесно и кога ќе почне. „360 степени“ во Брисел, Владимир Мирчески.
Напишете коментар