Со „амин“ од Владата, 11 градоначалници не го „фермаат“ Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој предвидува прогласување „финансиска нестабилност“ на општината ако сметката ѝ е блокирана најмалку шест месеци. Казната е (би требало да биде) меѓу 5 000 и 10 000 евра за градоначалниците што не прогласуваат финансиска нестабилност и покрај исполнетите услови
Без прогласување финансиска нестабилност, општините со блокирани сметки продолжуваат речиси непречено да трошат пари, а не ретко и да генерираат нови долгови, иако не ги исплатиле старите
Северна Македонија е поделена на 80 општини, плус градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Како и во секоја држава, смислата на постоењето на овие административни единици е воспоставување локална власт, која, во теорија, би требало подобро од централата да се грижи за секојдневните потреби на локалното население.
Еден од законите со кои се регулира оваа мисија е оној за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Меѓу другото, во законот е опишана постапката – што се случува кога една општина ќе направи поголеми долгови отколку што може да ги исплати.
Клучниот термин кој е предмет на интерес на оваа сторија е „финансиска нестабилност“. Според член 39 од Законот за финансиска стабилност на општините, таа настанува кога:
– сметката на општината е блокирана подолго од шест месеци или
– во период од шест месеци, континуирано секој месец, со состојбата на крајот на месецот, вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена, надминува 80% од реализираните приходи на основниот буџет на општината во претходната година.
Општините со блокирана сметка не се тајна. Ги има во различни публикации на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Според последните податоци со кои располага (ДЗР), на 31 јануари 2021 година блокирана сметка имале 11 општини:
- Делчево
- Демир Капија
- Карпош
- Кривогаштани
- Охрид
- Пехчево
- Ресен
- Сопиште
- Струга
- Тетово
- Зрновци
Кога прашавме во Државниот завод за ревизија колку од 11. општини со блокирани сметки во земјава го исполнуваат условот за прогласување „финансиска нестабилност“, одговорот гласеше – сите. На прашањето, пак, колку од нив и навистина прогласиле „финансиска нестабилност“, како што пропишува законот, одговорот беше – ниту една.

„Градоначалниците на општините немаат донесено одлука за прогласување финансиска нестабилност, поради што во ниедна општина не е отпочната постапка за надминување на финансиската нестабилност, која согласно законот треба да биде координирана од страна на Министерството за финансии…“,
одговорија од ДЗР.
Пливање во матно
Ако обичен граѓанин не успее да си ги подмири долговите, постапката е едноставна. Доверителот оди кај извршител и, ако долгот наскоро не се плати, следува блокирање на сметката и административна наплата.
Кај општините не е така. Според Законот за извршување, не може да се спроведе присилна наплата врз средства што се неопходни за вршење на нивната дејност. А во тие средства влегуваат платите, трошоците за редовно работење, итни обврски и друго. Така, дозволено е блокирање на само мал сегмент од парите на општината, доколку воопшто има вишоци. Логиката вели дека, со оглед на тоа што со Законот за извршување е речиси невозможно брзо и ефикасно да се наплати долг од општина со блокирана сметка, со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се нормира дека локалните власти имаат обврска да прогласат „финансиска нестабилност“ ако сметката им е блокирана повеќе од шест месеци.
Целта на прогласувањето на таа состојба е „нормализирање“ на долгот, односно враќање во „зоната“ на финансиска стабилност што подразбира одблокирање на сметката и редовно плаќање на обврските. Постапката предвидува неколку заемно поврзани чекори:
- Прво, градоначалникот треба да прогласи состојба на „финансиска нестабилност“;
- Потоа, треба да го извести Советот за одлуката, но и Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС;
- Во рок од пет дена, Министерството за финансии формира координативно тело, во кое учествуваат министерствата за финансии и за локална самоуправа, ЗЕЛС и градоначалникот;
- Најдоцна за 15 дена од формирањето на координативното тело, градоначалникот треба да достави предлог-план за мерки за надминување на финансиската нестабилност, што треба да му биде прифатен и усвоен во строго одредени рокови;
- Градоначалникот е обврзан да го следи усвоениот план.
Додека општината е во состојба на „финансиска нестабилност“, градоначалникот не смее да финансира нови капитални инвестиции, да спроведува тендери што ќе го зголемат долгот, да вработува или да унапредува. Но, бидејќи ниту една од општините нема прогласено таква состојба, тие си тераат „по старо“.

На тој начин, на пример, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко си купи „ауди А6“ од 66 илјади евра додека општинската сметка беше блокирана. На тој начин, општините продолжуваат да градат нови улици, канализации, водоводи, иако не ги вратиле парите за претходно изградените.
Затоа, се обративме до сите 11 општини кои по закон би требало, но во пракса не прогласуваат „финансиска нестабилност“. Добивме одговори од девет, од кои никој не крие ниту дека не прогласиле таква состојба ниту дека немаат намера да го сторат тоа.
Некои беа отворени да кажат дека механизмот во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа не е добар, па и дека „надлежните институции“ ги поттикнуваат на таа пракса.
„Во Република Македонија немаме пример за општина која донела одлука за финансиска нестабилност“,
одговорија од Општина Сопиште.
„Во консултации со надлежни институции и со другите блокирани општини, прогласувањето финансиска нестабилност на една општина сметаме дека не го штити интересот на граѓаните којшто е приоритет број еден, бидејќи никој нема да сака да соработува со општина на која ѝ е дефинирана финансиска нестабилност“,
одговорија од Општина Делчево.
Сепак, непочитувањето на механизмот „финансиска нестабилност“ не значи дека општините воопшто не ги плаќаат старите долгови. Тоа го прават преку решение од друга легислатива, која повеќе им одговара – Законот за извршување. Наместо да прогласат финансиска нестабилност, која ќе ги обврзе на силни мерки на штедење, тие одат на суд со доверителите. Судот, имајќи предвид дека не смее да ги блокира парите за плати и за нормално функционирање на општината, определува граница – колку пари смее општината да троши месечно за свои потреби. Сè што е над таа сума, оди за отплата на долгови.
Така, иако не го почитуваат Законот за финансирање на ЕЛС, многу општини тврдат дека успешно го намалуваат долгот и работат со парите што им се на располагање:
„Покрај кратењето на непродуктивните трошоци, локалната самоуправа се фокусираше и на искористување на неповратни средства (грантови) од други финансиски институции или организации. Тука, пред сè, мислиме на средства што ги добивме за реализација на проекти од Европската Унија, Светска банка, УСАИД, Швајцарската агенција за соработка и развој и др.“,
велат од Општина Карпош.
„Како и досега, ќе продолжиме со нашите напори за надминување на ситуацијата со презадолженоста на општината, која сметаме дека е проблем и на ниво на целата држава. Ќе продолжиме со сервисирање на старите долгови, според спогодбите што ги правиме со економските оператори на кои општината им должи“,
одговараат од Општина Тетово.
Целосните одговори на сите општини од кои добивме одговор можете да ги погледнете тука:
По закон – казни за градоначалници, во пракса – амнестија
Сепак, се чини дека не е коректно целата вина за игнорирањето на Законот за финансирање на ЕЛС да се префрли на самите општини. Причината е што законодавецот јасно предвидел кој треба да утврди вина и кој треба да биде казнет ако не се почитуваат законските одредби. Надзор над споредувањето на законот врши Министерството за финансии, а инспекцијата е на Финансиската инспекција која е во рамките токму на Министерството за финансии.
Во член 47 јасно е предвидено дека глоба во износ од 5 000 до 10 000 евра ќе се изрече на градоначалникот на општината ако:
„…не донесе Одлука за прогласување финансиска нестабилност (член 39, став 2)“.
Од ниту една од општините до кои доставивме прашања не ни одговорија дека кога било градоначалник бил казнет затоа што не прогласил „финансиска нестабилност“, иако некои општини се со блокирана сметка веќе 20 години.

Па, прашавме во Министерството за финансии – колку контроли направиле и што мислат тие за фактот што градоначалниците не го следат законот? На владиниот ресор кој го води министерот Фатмир Бесими му оставивме повеќе од една недела да ни одговори на прашањата, но на крај се соочивме со молк. Неофицијално, надлежниот инспекторат нема извршено ниту една контрола по споменатиот член од законот.
ПРАШАЊАТА ШТО ГИ УПАТИВМЕ ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ
Имајќи ги во предвид ревизорските извештаи, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за извршување и ставовите кои ги добивме од општините, ве молам за одговор на следниве прашања:
1. Ниту еден градоначалник кој го контактиравме не се согласува дека „е должен“ да прогласи финансиска нестабилност, иако така пропишува член 39 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Дали Министерството за финансии го дели ставот дека, ако се исполнети условите, градоначалникот/општината мора да прогласи финансиска нестабилност?
2. Доколку Министерството за финансии смета дека член 39 од Законот за финансирање на ЕЛС не е обврзувачки, Ве молам за детално објаснување врз која основа е таквото толкување?
3. Дали Министерството за финансии ги советува општините да не прогласуваат „финансиска нестабилност“, туку директно да се упатуваат на судски спогодби со доверителите согласно Законот за извршување?
4. Дали Министерството за финансии се согласува со праксата општините да прават и непродуктивни трошоци и капитални инвестиции во состојба кога имаат блокирани сметки, а не е прогласена „финансиска нестабилност“?
5. Законот за финансирање на ЕЛС има и прекршочни одредби. Дали досега е изречена санкција против градоначалник согласно член 47 од Законот за финансирање на ЕЛС и колку контроли се спроведени во последните две години по таа основа?
Во одбрана на (не)правото
Освен Министерството за финансии, важен чинител во процесот е и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). И оттаму побаравме став за однесувањето на градоначалниците кон инструментот „финансиска нестабилност“.
Во одговорот имаше разбирање за постапувањето на локалните власти.

„Општините, централната власт и ЗЕЛС се апсолутно свесни за овој проблем кој се провлекува со години. Во еден од претходните закони, одговорноста за прогласување на финансиска нестабилност беше на министерот за финансии, па потоа законот се смени и таа надлежност дојде како надлежност на градоначалникот. Во двата случаи нема ниту еден случај на прогласување на финансиска нестабилност… Ќе се согласите, не постои можност некого да товарите со одговорности, а да не му давате доволно финансиски средства за нормално функционирање, а притоа и да му прогласувате финансиска нестабилност и да му одземате надлежност да управува со своите финансии“,
велат од ЗЕЛС.
Сепак, од ЗЕЛС додаваат дека станува збор за проблем за кој се бара решение. Имало работна група на Владата, каде што се разговарало за продолжување на процесот на децентрализација, вклучително и финансиската.
„Министерство за финансии, во склоп на наведените активности, излезе со неколку предлози, меѓу кои е решавање на проблемот со подолготрајно блокираните општини. Телата и органите на ЗЕЛС сè уште го разгледуваат предлогот, а можно е наскоро да има уште една владина отворена седница, каде што ќе се обидеме да дојдеме до законско решение, кое ќе воведе ред, но и ќе помогне на сите субјекти во оваа држава подобро да работат“,
велат од ЗЕЛС.
Додека Владата и општините да најдат решение, ќе продолжи кршењето на Законот и замижувањето на надлежното министерство.
Во меѓувреме, некои општини можеби и ќе ја надминат состојбата во која се наоѓаат и со алтернативни решенија, како што најавуваат од општината Сопиште. Но други ќе продолжат да работат со блокирани сметки како и во изминатите години, па и во некои случаи децении.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.