Договорено е работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Во текот на вчерашниот ден имаше координативен состанок на два члена од двете групи, од владејачката и онаа на опозицијата за динамиката за законот за јавно обвинителство, кој како предлог ни беше доставен пред неколку дена. Договорено е да имаме средба на двете работни групи, секоја група со свои забелешки и аргументи најдоцна до крајот на оваа недела“,
истакна Милошоски на прес-конференцијата во Собранието.
Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин, така што ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен законски текст, согласно венецијанските стандарди на комисијата.

На оваа средба, како што рече, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои текстот би можел да се подобри.
Како една од забелешките во предложениот текст, Милошоски го посочи механизмот споменат во преодните и завршни одредби кој, како што рече, прејудицира вдомување на досегашните обвинители од тимот на Катица Јанева во обвинителството на сегашната обвинителка Вилма Рускоска.
„Ние сметаме дека контроверзиите што ги следеа овие обвинители и ова обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители, не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Милошоски.
Во игра и опцијата да се носи закон без ВМРО-ДПМНЕ
Претходно, министерката за правда Рената Дескоска изјави дека шансите да се донесе законот за јавно обвинителство зависи од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, односно нивната подготвеност да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партиски членови за кои се водат постапки сега од редовното обвинителство, а беа почнати од Специјалното јавно обвинителство.
„Она што го слушам како најави од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи често пати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО“,
рече Дескоска.
Како „лошо читање“ или „намерен спин“ ги оцени забелешките дека законот обезбедува вдомување на обвинителите од СЈО во Обвинителството за организиран криминал, што според неа е апсолутно неточно.

Законот предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, за кој број потоа ќе се распише конкурс и секој обвинител што исполнува услови ќе може да конкурира, но тоа не значи апсолутен трансфер на обвинителите од СЈО, појасни Дескоска.
„Законот предвидува критериуми кој може да биде обвинител и кој ги избира обвинителите, а тоа е Совет на јавни обвинители. Така што во тој дел ниту законот каков што го имаме предложено прејудицира ниту можеме да дозволиме со амандмани било кој политичар да се меша во изборот на обвинители“, рече Дескоска.
Таа не ја исклучи и опцијата законот да се донесе без ВМРО-ДПМНЕ.
„За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите што се декларираат за евроинтеграција на нашата држава да го поддржат законот, така што и таа опција не е исклучена“,
рече Дескоска.
*Поврзана вест