Шпанскиот Уставен суд пресуди денеска дека минатогодишната владина наредба за „заклучување“ за време на вонредната состојба е неуставна.
Судот во кратко соопштение нагласи дека одлуката не е донесена едногласно, а државната телевизија ТВЕ објави дека шест судии гласале „за“, а петмина биле „против“.
Во пресудата се вели дека ограничувањето на движењето ги крши основните права на граѓаните и фактот дека одлуката била на сила за време на вонредната состојба не е доволна за да се прогласи за уставна.
Шпанија има три нивоа на вонредна состојба: вонредна состојба, состојба на исклучителна говорност и највисокото ниво, состојба на опсада. Како што пренесуваат дел од медиумите, за да може да ги ограничи слободите и правата на луѓето шпанската владата требало да има прогласено најмалку состојба на исклучителна готовност.
Иако, како што се посочува во медиумските извештаи, ваквата пресуда ја отвора врата за граѓаните кои биле казнети за прекршување на мерката да си ги побараат парите назад, Уставниот суд посочил дека нема да прифаќа такви тужби.
Поради пандемијата, владата во Шпанија прогласи вонредна состојба на 14 март 2020 година, забранувајќи им на граѓаните да ги напуштаат своите домови, освен за набавка на потребните намирници. Во тој период Шпанија беше една од најпогодените земји со коронавирусот во светот, имаше огромни бројки на заразени и починати, а болниците беа преоптоварени. Ваквите рестрикции беа на сила до јуни, а потоа кога земјата се соочуваше со вториот бран, дел од нив беа вратени.
Денешната пресуда е одговор на тужбата на екстремно десничарската партија Вокс.