На социјалните мрежи актуелниот министер за правда Кренар Лога напиша дека постапката треба да се повтори или функцијата да ја преземе претседателот на Собранието како вршител на должноста
Министерот за правда во техничката влада, кој доаѓа од крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, Кренар Лога, оценува дека заклетвата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова е ништовна зашто не е испочитувано уставното име на државата.
„Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска. Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митрески (претседател на Собранието), како вршител на дејноста“,
смета Лога.
Претходно, со реакција се јави и координаторот на пратеничката група на ДУИ во Собранието, Арбер Адеми, кој кажа дека Силјановска-Давкова го прекршила Уставот уште во првата реченица при положувањето на свечената заклетва, со што несомнено ќе настане проблем во односите помеѓу земјава и Грција.
Според пратеникот на ДУИ, новата претседателка не кажала ништо суштинско, а не се осврнала ни на евроинтеграцискиот процес на земјата и уставните измени.