Од опозициската партија велат дека актуелната влада продолжува со практичното ограничување на албанскиот јазик и оти тие ќе продолжат да ја разоткриваат антиалбанската агенда на оваа влада
Правејќи ретроспектива на настаните што се случија оваа недела, од Демократската унија за интеграции (ДУИ) се осврнаа на седницата на Уставниот суд во средата на која се разгледуваше иницијативата за оспорување на Законот за употреба на јазиците. Од ДУИ велат дека се започнало со одлуката на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, да ги извршува, како што велат, партиските наредби, со тоа што закажал седница за јавна дебата за репреговарање на Охридскиот договор што според нив претставува директен напад врз темелите на меѓуетничката толеранција.
„Само отпорот на граѓаните го спречи овој партиски егзекутор да ги дестабилизира етничките рамнотежи кои се изградени со голем труд. Додека премиерот продолжува да молчи на нашите повици за повлекување на овие иницијативи од Уставниот суд, неговата влада продолжува со практичното ограничување на употребата на албанскиот јазик. Оваа недела јасно видовме како во законите што Владата ги испраќа во Собранието, албанскиот јазик се елиминира, што е во целосна спротивност со актуелниот Закон за употреба на јазиците“,
велат од ДУИ.
Дополнително, велат дека министерката за образование предложила закон со кој се настојува да се наметне моноетничка супремација во образовниот процес наметнувајќи ја македонската химна во сите училишта, без оглед на етникумот на учениците, што според ДУИ ќе создаде јазична и културна асиметрија. ДУИ обвинува и дека владините претставници од „Вреди“ не можат да се спротивстават на ВМРО-ДПМНЕ и оти немаат никакво влијание поради нивната потчинетост кој им овозможува да ги оштетат сите достигнувања на патот кон еднаквоста.
„Демократската унија за интеграција ќе продолжи да ја разоткрива оваа антиалбанска агенда на оваа влада и корумпираното однесување на таканаречените албански претставници, кои го претворија политичкото претставување во фарса“,
се вели во соопштението на Демократската унија за интеграции.