Таблоидот „Српски Телеграф“ пренесе закана од српскиот пејач Аца Лукас, кој вели дека ќе ги фрли од 10. кат Иван Ивановиќ и Зоран Кесиќ, автори на популарните емисии „Вечер со Иван Ивановиќ“ и „24 минути“ кои се емитуваат на ТВ „Нова С“. Лукас рекол дека ќе го стори тоа ако случајно нешто и се случи на неговата мајка, зашто Ивановиќ и Кесиќ, наводно, повикувале на кршење на забраната за движење. Телевизијата „Нова С“ ги осуди заканите и побара реакција од надлежните институции.
„Нова С“ и авторите Ивановиќ и Кесиќ се критички настроени кон српската реалност и актуелната власт и се меѓу ретките професионални медиуми и производи во Србија.
Ивановиќ ги отфрли наводите дека повикува на кршење на забраната за движење и најави тужби.
„Засега мислам дека е најважно за мене и Кесиќ да следиме дали е се во ред со мајката на Лукас и додека госпоѓата е здрава, ние не сме загрозени, бидејќи не дај боже ако нешто и се случи, сфаќам дека ќе бидеме во сериозни проблеми“,
саркастично коментира Ивановиќ.
Ивановиќ смета дека поголем фокус треба да се стави на однесувањето на таблоидот „Српски Телеграф“.
„Мислам дека фокус треба да се стави на ‘Српски телеграф’ како медиум, на нивниот уредник Саша Миловановиќ, кој веќе неколку пати во своите јавни настапи не означуваше мене и Кесиќ како пријатели на вирусот, што воопшто не е точно“,
реагира Ивановиќ.
Со реакција се јави и авторот на емисијата „24 минути“, Зоран Кесиќ. Вели дека воопшто не му се јавиле за коментар, иако е добро познато дека секогаш давал одговори на прашањата кои му ги поставувале. Најави дека преку судските органи ќе ја бара правдата.
ТВ „Нова С“ побара итна реакција од наделжните институции по заканите кон Кесиќ и Ивановиќ.
„’Нова С’ во потполност ја поддржува работата на авторите на емисиите кои се емитуваат на телевизијата и ќе им пружи секаква можна правна помош овој случај да добие епилог на суд“,
пишува во реакцијата.
Телевизијата потсетува дека против неа и малкуте независни медиуми во Србија се води кампања за дискредитирање, иако за кризата предизвикана од коронавирусот постојано извесуваат независно и професионално. „Нова С“ е во сопственост на „Јунајтед Медиа“, како што е и ТВ „Н1“.