Новинарот Фуркан Салиу и снимателот Ибрахим Мамути од ТВ Клан биле цел на закани за време на теренска работа кога снимиле поголема група на мигранти во регионот на село Ваксинце.
Откако ја направиле снимката, тие со автомобил се упатиле назад кон Скопје, по што, еден автомобил со кумановска регистрациска табличка им го пресекол патот, а од него излегол човек кој директно им се заканил на новинарите и побрал од нив да ги избришат снимките и да не ги објавуваат.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи итно да го идентификува лицето кое се заканило на новинарите и да поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
„Според новинарската екипа на ТВ Клан, случајот е пријавен во полиција веднаш по примање на заканите. Затоа, очекуваме МВР веднаш да започне истрага, а со тоа да се испрати порака дека такви напади нема да се толерираат“,
се вели во реакцијата на ЗНМ.
Тие ги повикуваат домашните и меѓународните институции кои работат на заштита на правата на мигрантите да се заинтересираат за случајот и да помогнат за целосно расчистување.
„Потсетуваме дека цензурата е забранета со Уставот, а заканите кон новинарите се апсолутно неприфатливи, претставуваат кривично дело и за нив се одговара пред судот“,
додаваат од ЗНМ.
