Захариева во нејзината изјава не дава многу детали околу преговарачката рамка за која вели дека сè уште траат дискусиите во европските работни групи и истата не е дојдена за разгледување ни на ниво на амбасадори
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека добрососедските односи не ги измислила Бугарија и тие се основен услов и критериум за членство во ЕУ, а Македонија мора да го почитува и спроведува Договорот за пријателство и добрососедство.
На прашањето колку е веројатно тоа што бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов се закани да ја блокира Северна Македонија на патот кон ЕУ ако не се решат важните прашања, како што е Гоце Делчев, Захариева вели дека нејзиниот пристап е различен од тој на Каракачанов.
„Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат. Јас имам малку поинаков пристап. Предмалку разговарав со господинот Каракачанов. Ние инсистираме на добрососедство што не е критериум за членство во ЕУ што го измисли Бугарија, туку е европски и треба да се надгледува во преговарачката рамка“,
вели Захариева, во интервју за бТВ.
Во изјавата таа тврди дека бугарската страна повеќепати повикувала на враќање на спроведувањето на договорот и вели дека членовите на Мешовитата комисија веќе оствариле контакт.
„Работата на комисијата беше запрена пред една година, еднострано од Скопје“,
вели Захариева.
Историјата, вели таа, мора да се препознае како што е и за неа има доволно автентични пишани избори.
Бугарската министерка во нејзината изјава не дава многу детали околу преговарачката рамка за која вели дека сè уште траат дискусиите во европските работни групи и истата не е дојдена за разгледување ни на ниво на амбасадори.
Захариева најавува и дека министерот за надворешни работи Бујар Османи, следната недела треба да ја посети Бугарија.