Ако Грција ја даде согласноста за отворање пристапни преговори со Северна Македонија, како ќе постапат скептичните Франција и Холандија, кои првично изразија воздржаност за таквата можност? Ова е една од темите за кои со шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која ќе претседава со клучниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ следната недела во Брисел, разговараше Владимир Мирчески. Интервјуто е снимено изминатиот викенд во градскиот парк во Скопје, каде се одржуваше македонско-бугарски културен хепенинг.
Дали договорот за прашањето за името може да биде доволен повод за скептичните Франција и Холандија да се согласат со отворање пристапни преговори со Македонија?
Убедена сум дека ако се реши процесот со името, нешто до што сте многу блиску, и ги поздравувам двајцата храбри премиера, премиерот Заев и премиерот Ципрас, како и двајцата храбри министри и нивните храбри влади, што се блиску, по 27 години да го решат тој спор, од кој Република Македонија ништо не доби. Всушност, го забавивте започнувањето на преговорите за членство 10 години, во одредени моменти имаше изолација од соседите, така што ако тоа се случи, на 26-ти кога ќе биде Самитот со кој претседавам, и следствено на тоа на 30-ти јуни европските лидери ќе решат за почеток на преговори со Република Македонија. Би повикала да не го испуштите моментот зашто ако тоа сега не се случи, моите проценки се дека процесот ќе се забави и ќе чекате уште две и пол години и тоа би било во најдобар случај. Затоа што доаѓаат изборите за Европскиот парламент во 2019-та година, потоа следува период за формирање на нова комисија до крајот на 2020-та година и најраната евентуална можност следува кон средината на 2020-та година. Не мислам дека македонскиот народ заслужува да чека, македонските граѓани да чекаат уште две ипол години. Знам дека ќе биде тешко, не беше лесно и при потпишувањето на нашиот договор и тоа што го увидовме е дека ништо лошо не се случи. Потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, всушност вчера и вашиот премиер го кажа, го откочи процесот, даде притисок, даде смелост за решавање на другите прашања.
Дали сте во контакт со француските и со холандските колеги во последниот период и кои се нивните ставови сега?
Цела Европа помага за тоа.Знаете, Бугарија е исклучително фокусирана и влијае со засилен напор, нашиот премиер се слушна, зборуваше со германската канцеларка и со Тереза Меј – премиерката на Велика Британија и со претседателот Макрон и со сите други, се трудевме во Софија, многу време зборувавме за двете држави. Во Софија знаете истото беше и со претседателот Макрон и сите лидери се молеа кога двајцата премиери Заев и Ципрас објавија дека се многу блиску до решавањето на долгогодишниот спор. Така што, во постојан контакт сме со државите кои се поскептични, не толку конкретно за Република Македонија, туку за целиот процес поврзан со проширувањето. Но, кај нас тоа е начелото на преговарање во процесот. Јас сум убедена дека како што напредуваат преговорите, кога ќе покажете дека можете да ги направите реформите, овие држави кога ќе дојде време за членство, нема да го имаат овој голем скептицизам. Мислам дека сега е шансата, да, во разговори сме, убедена сум дека ако се реши името, ќе сe случи тоа на 26-ти јуни.
Европските народни партии од кадешто доаѓа премиерот Борисов и вие самите последни реагираа во однос на Договорот со Грција. Дали ЕПП работи со Нова демократија и со ВМРО-ДПМНЕ кои се против договорот?
Да, да. На средбата во Софија знаете дека има традиција пред Европските совети, неформално да се сретнат лидерите на политичките семејства. Една од основните теми на разговор таму, на сите лидери од Европската народна партија, од ЕПП, и на нашиот премиер и на канцеларката Меркел беше да се обидат да ги убедат и грчката опозиција и вашата опозиција да ги поддржат решенијата на владите или ако не ги поддржат, барем да не пречат. Тоа се ваши домашни работи, но правиме сè тоа да се случи. ЕПП излезе со две мислења и тоа многу силни за поткрепа на потпишувањето, на обединување, дека сте се договориле двете држави.
Дали името Северна Македонија на некој начин ја засега Република Бугарија и за какви дополнителни гаранции зборуваа премиерот Борисов и претседателот Радев?
Знаете, ние ја признавме Република Македонија први, со целото име. Она што е многу важно за вашиот и нашиот договор да се исполни, таму има гаранции за почитување на територијалниот интегритет, забележавме дека во нацрт-договорот меѓу Република Македонија и Република Грција исто така има две клаузули кои експлицитно истакнуваат дека договорот што ќе го потпишете утре не е насочен против други држави и не треба да е контрадикторен со претходни договори кои се на сила, кои се потпишани, дали од Република Грција, дали од Република Македонија со други држави. Гаранциите ќе бидат исполнети во договорот што го имаме. И денешниот фестивал меѓу другото е еден одличен пример, како и вчерашната претстава на која бевме заедно со премиерот Заев, тоа е патот, 24-ти мај беше нешто што не можевме да претпоставиме дека ќе се случи. Крајно време е да престанеме да се гониме по ходниците на Ватикан кој ќе биде прв. Крајно време е да ја чествуваме заедно историјата и хероите. Тоа е начинот и видовте што се случи со потпишувањето на договорот. Од 2-ри август до 31-ви декември, 11,5 проценти раст за пет месеци на трговијата меѓу двете држави, уште 10 проценти повеќе туристи, 100 насто се зголемил интересот на бугарските бизнисмени, ова е според истражување направено од самите организации на работодавачи од Бугарија да инвестираат во Република Македонија. Ништо негативно не се случи. Убедена сум дека ова е начинот за да одиме напред. Создадовме заедничка мултидисциплинарна комисија, историчарите нека ја завршат работата и да се разберат за нештата од блиското минато кои до скоро не разделуваа. Имаме уште многу пат да изодиме, но начинот по кој сме тргнати е вистинскиот.
На крај за одлуката да ги откажете средбите со претседателот Иванов. Шефот на македонската држава коментираше дека таа ваша одлука не е во духот со улогата на претседавач на Европската Унија.
Знаете, мислам дека нашиот Премиер јасно кажа која беше причината. Причината беше тоа што, како претседавач со Европскиот Совет, Бугарија вложи големи напори, уште пред да стане претседавач, да ја деблокира европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Процесот беше блокиран. Европа зафатена со сопствените проблеми, а и ние имаме многу проблеми, не и беше во фокусот на вниманието тоа што се случува со соседите.
Од заборавена тема, ние ја направивме главна тема во надворешната политика на Европската унија. Во некои од државите, за прв пат во нивната историја, беа посетени од претседателот на Европскиот совет, од претседателот на Европската комисија, од еврокомесари, целиот свет беше во регионот.
Стотици, не претерувам, форуми се организираа за европската переспектива – за соработката, за дигиталниот пазар,за младите луѓе, безбедноста, правосудството и од секоја сфера од политичкиот и општествениот живот.
Во Софија, гледав и слушав и не можев да поверувам… Светската Банка, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, се натпреваруваа кој ќе направи повеќе програми и ќе даде повеќе пари за проекти во Регионот.
Токму тоа е целтта на Бугарија и многу сме блиску до крајот на процесот. Од огромен скептизцизам на почетокот, голем кај многу држави, до започнување на преговори и решавање на проблемите…. Мислам дека нема што повеќе да кажам.
Не сакавме да се мешаме во вашиот внатрешен спор. Нашиот Премиер повеќепати се има видено со Претседателот Ѓорги Иванов. Но, не мислам дека однесувањето… Немаше што повеќе да се каже.
Причината беше – не сакаме да се мешаме во тој процес и не сакавме да се омаловажат напорите кои се вложуваат и од Република Македонија и од Република Грција, па и од Република Бугарија за решавање на тоа прашање.
Ќе потсетам на нешто – во првите 15 минути, откако го потпишавме нашиот договор – меѓу Бугарија и Македонија тој беше поздравен од целиот свет – од Канада до Нов Зеланд. Тоа не треба да се заборави. Можеби никој не веруваше дека две балкански држави се способни да седнат на маса и за кратко време сами да си го решат проблемот. Тоа и натаму се посочува како пример.
И ова меѓу двајцата премиери и двајцата министри за надворешни работи на Република Грција и Република Македонија исто така ќе се посочува како пример.
Им посакувам успех и здравје на сите македонски граѓани, посакувам успех и здравје, како и мудрост и храброст да се заврши процесот, зашто процесот за името е долг и убедена сум дека ако ја завршите ратификацијата, на 26-ти јуни ќе има одлука за почеток на преговорите.
Напишете коментар