Томислав Томашевиќ од зелено-левата коалиција „Можеме“ е нов градоначалник на Загреб. Во вториот круг на локалните избори во Хрватска тој освои најголем број гласови досега во трката за прв човек на хрватската метропола и го победи противкандидатот, пејачот Мирослав Шкоро.
Томашевиќ победи со голема разлика од 93 330 гласа, односно освои вкупно 199 630, додека Шкоро имаше 106 300 гласа.
Новиот градоначалник на Загреб е долгогодишен активист и важеше за жесток критичар на претходниот градоначалник, Милан Бандиќ, кој почина во февруари 2021.
Со изборниот резултат, според медиумските извештаи, Томашевиќ го надмина и Бандиќ. Имено, Бандиќ најдобар резултат имал на локалните избори во 2013 година кога освои вкупно 170 798 гласа.
Томашевиќ првата функција во политиката ја доби на претходните локални избори во 2017 година кога стана советник во Градот Загреб, а минатата година беше избран за пратеник во хрватскиот парламент. Извесно е дека зелените ќе си обезбедат и комотно мнозинство во градското собрание, со оглед дека во првиот круг на изборите листата на зелено-левата коалиција „Можеме“ освои 23 од 47 советнички места и очекувањата се да влезат во коалиција со Социјалдемократската партија која освои 5 мандати.
„Нема да ги повторуваме лагите на кои бевме изложени досега. Цел живот се борам за овој град и против штетните одлуки. Мојата кампања за Загреб, иако не бев свесен, почна кога имав 16 години, кога се борев против отровниот отпад. 23 години подоцна еве ме заедно со најдобриот тим со кој ја делиме борбата за праведно, солидарно и потолерантно општество“,
порача Томашевиќ.
Неговиот противкандидат, пак, го призна поразот и честиташе.