Отфрлајќи го предлогот за користење на парите од вториот пензиски фонд и забележувајќи дека Мицкоски, како инженер, треба да праша за економија, лидерот на СДСМ го навлече „чеканот“ на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што му вратија дека е „економски неписмен“
За справување со кризата има еда глобална анализа, по која се води и нашата држава. Светот со оваа криза се справува на два начина, едниот го нарекуваат „чекан“, а другиот „танц“, истакна претседателот на СДСМЗоран Заев во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
„Чеканот значи комплетно затворање дома, целосен полициски час… и тоа го имаат применето многу малку земји, додека над 90 отсто го имаат одбрано танцот, така што се договараат владите со стопанството, со работниците, со народните банки…се додека не заврши на здравствената криза. Тука им р – фактор, односно ширење на заразата. Ако тој р – фактор е поголем тогаш треба да се прибегне кон чеканот. Ние засега, споредено со други земји успешно „танцуваме“ затоа што кај нас р – факторот е се уште низок. Ако се зголеми нагло ќе мора да ги стегнеме мерките,
рече Заев.
Тој зборуваше и за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за надминување на економските последици од кризата, при што оцени дека не треба да се чепка во вториот пензиски фонд, затоа што тоа се пари на граѓаните.
„Цел свет, сите експерти препорачуваат прво да задолжувате надвор, да се земаат кредити од странство. Потоа кога веќе нема да можете да се задолжувате надвор, тогаш се задолжувате на домашен пазар. Банките овде се ликвидни, тие имаат 600 милиони евра и дополнителни 400 милиони евра кои се запишани во благајнички записи и тие треба да ги оставиме дома, затоа што банките ги следат граѓаните. Банкарскиот систем во секој земја е столб на финансискиот систем и тие пари треба да им ги оставиме на банкарскиот систем, ако ние им ги земеме тие пари, тие нема да можат да им даваат пари на граѓаните и стопанството. Има правила коишто треба да се следат, а Мицкоски како инжинер треба да праша за економија“,
посочи Заев.
На тоа реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека Заев покажал дека е економски неписмен, а ја води државата.
„И додека Заев се обидува да биде економист и танцува со короната, народот се обидува да преживее и танцува со растечката сиромаштија. Зоран Заев денес покажа елементарно економско непознавање. Користењето на парите од вториот пензиски столб не значи било какво загрозување на пензиите. Токму таква мерка сега презема Естонија. Тоа што е добро за земја членка на ЕУ не е добро за Заев“,
се наведува во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Во гостувањето на Канал 5, Заев исто така рече дека се води грижа за здравствените работници, како и за припадниците на полицијата и на војската.
„Водиме грижа, не сме оставиле лекари, здравствени работници, припадници на полицијата и на војската незаштитени без заштитни средства. Каде што имало проблеми веднаш сме се корегирале“,
нагласи Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, му реплицираа дека додека тој се смее по емисии, докторите, како што се посочува, голораки се справуваат со најголемата епидемија на светско ниво по Втората светска војна.
„Заев лаже кога вели дека докторите се заштитени со заштитна опрема. Петнаесет проценти од сите заразени од корона се доктори. Наместо облечени во скафандери, со заштитни визири, ракавици и медицински маски, докторит во ек на пандемија имаат ниво на опременост како да одат по доручек“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.