Секој граѓанин ќе знае дека е безбеден во својата држава и дека ќе може да ги обезбеди своите права, загарантирани со Уставот, порача Заев откако Собранието го изгласа Законот за антидискриминација
Премиерот Зоран Заев го поздрави донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој вели, се гарантира еднаквост за сите.
„Државата оди напред! Едно општество за сите, и во добро, и во криза, секогаш, а од сега и уредено со нов Закон за спречување и заштита од дискриминација кој гарантира еднаквост за сите. Социјалдемократите, прогресивните сили во државата и граѓанското општество се изборија за долгоочекуваниот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Припадниците на маргинализираните заедници, вклучувајќи ја и ЛГБТИК заедницата се еднакви пред законот како и сите останати граѓани. Со стапувањето на сила, секој граѓанин ќе знае дека е безбеден во својата држава и дека ќе може да ги обезбеди своите права, загарантирани со уставот. Честитки за сите активни граѓани кои доследно се изборија за овој успех“,
напиша премиерот на Фејсбук.
Законот за чие донесување инсистираше и Европската Унија, Собранието го гласа по втор пат. Тој еднаш беше донесен лани, но Уставниот суд го поништи, бидејќи не бил донесен со потребното мнозинство.