Премиерот и денеска повтори дека одлука за понудените и поднесените оставки ќе соопшти кога ќе бидат готови извештаите од истрагата, односно вештачењата и форензичката анализа
Зборувајќи за моралната одговорност, тој вели дека министерот, заменикот и директорите уште првото утро по пожарот сакале да повлечат чекор, но тука нагласува и дека поради тоа што е изборен период не може да има разрешувања
Никој не е венчан за ниедна функција ниту, пак, од татко му е наследена. Секој е заменлив, но истовремено не смееме да се поставуваме несоодветно затоа што некој поради скриени политички побуди или други скриени намери бара нешто. Треба чесно, транспарентно, отворено да дискутираме, рече премиерот Зоран Заев во коментар на прашањето што треба да се случи за да се разбуди моралната одговорност кај претставниците на власта.
Тој смета дека чувството за морална одговорност е пробудено и го поздравува потегот на министерот Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани и на двајцата директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои поднесоа оставки по трагедијата во модуларната болница во Тетово. Сепак, и денеска повтори дека одлука за понудените и поднесените оставки ќе соопшти кога ќе бидат готови извештаите од истрагата односно вештачењата и форензичката анализа.
„Тагата е голема, болката е кај сите присутна затоа кај народот, кај вас медиумските работници, но и кај нас политичарите болката е голема. Но, дефинитивно, трагедии се случуваат насекаде во светот и ние го следиме и светскиот и европскиот пример. Многу е важно да се знае дека заради политички агенди и пориви никој не треба ништо да прави, заради етички и морални – тоа е лично чувство и може да преземат одредени чекори тие што мислат дека треба да се преземат одредени чекори. Пред сè, е важно дали целиот систем е добро поставен, кои биле слабости на системот, од нив да учиме и да не дозволиме да се случуваат посебно други вакви трагедии во државата“,
вели Заев и додава дека и од тетовската трагедија се извлечени поуки и се прават дополнителни контроли во модуларните болници.
Зборувајќи за моралната одговорност, тој вели дека министерот, заменикот и директорите уште првото утро по пожарот сакале да повлечат чекор, но тука нагласува и дека поради тоа што е изборен период не може да има разрешувања.
„Знам дека уште следниот ден наутро сите овие луѓе побараа да повлечат чекор, секако тој чекор се овозможи после тоа да го направат заради тоа што дефинитивно водите грижа што во услови на избори, не смеете да разрешувате, ниту да потпишете решение, не смеете да именувате… Член 8а од Изборниот законик е јасен. Немаме други решенија, затоа соодветно се прават чекорите. Ако мислите дека треба целата влада, сите здравствени институции, целиот парламент да се распуштат и да си дадат оставка, нека го побара тоа, тоа на крајот луѓето на изборите секогаш може да го кажат“,
вели Заев.
Заев зборуваше и за раководењето со здравствените институции, односно за тоа дали поставувањето в.д. директори отвора можност за политичко влијание. Тој тврди дека во моментов 80 отсто од директорите се со трајни решенија и оти првично се поставуваа вршители на должност со цел постапките да бидат транспарентни, односно да се даде можност потоа на компетитивна основа да се пријават и други.
„Прво треба да биде одговорено чесно, политички се поставуваат најголем дел од директорите и на здравствените институции, затоа што граѓаните им ја пренесуваат политичката одговорност на политичарите, политичките партии и тие ја преземаат преку свои политички поставени раководни структури. Друго е што голем дел од директорите се поставени на експертска база, но политичка е одлуката зошто да биде тој, а не некој друг. Затоа што веруваме дека правото да управуваме со институциите доаѓа и со одговорноста на самите институции“,
вели Заев.