Премиерот најави дека Владата ќе продолжи со градење европски стандарди, целосно посветена на разговорите со соседна Бугарија до постигнување решение
Најголем предизвик во овие сто дена од Владата е пандемијата, при што сите ресори со целосна посветеност се ставени во функција на здравјето на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод 100 дена од формирањето на Владата.

Во контекст на најголемиот предизвик, тој се осврна на последните информации кои се однесуваат на набавката на вакцини против ковид кои треба да го зауздат ширењето за заразата, преку системот Ковакс за полесен и рамномерен пристап на сите земји.
„Она што се презема на домашен план во борбата со пандемијата е поголем број на тестирања и забрзана процедура на тестирања, а зголемен е и капацитетот во болниците за згрижување на што е можно повеќе граѓани, со тоа што се ставени во функција капацитетите на повеќе клиники како ковид-центри. За таа цел вклучени се и приватните капацитети и здравствените работниците вработени таму“,
рече Заев.
Четири антикризни пакети во вредност од 1 милијарда евра
Паралелно со здравствената стратегија, во изминатите 100 дена Владата работеше и на економската поддршка на компаниите и граѓаните за намалување на негативните ефекти од пандемијата. Се работи за четирите пакети економски мерки со вкупна вредност од една милијарда евра, кои се насочени кој граѓаните и компаниите.

Во однос на инвестициите, Заев рече дека во првите 100 дена се потпишани нови договори за инвестирање 56 милиони евра, како и дополнителни 25 милиони евра преку договори за поддршка на инвестиции кои 150 компании ги потпишале претходните години. Исто така, преку Буџетот се обезбедени инвестиции од 17,2 милиони евра за 400 домашни компани кои би инвестирале 100 милион евра.
Се работи и на изградба на гасоводната и нафтената мрежа во земјава, со што државата, според Заев, ќе стане дистрибутер за висококвалитетни горива на Западен Балкан.
Паралелно со тоа се работи и на проекти за фотоволтаици и ветерници за создавање чиста енергија од обновливи извори.
Во контекст на заштитата на животната средина, изминатите сто дена од формирањето на Владата се одбележани со проектот за еколошки чист брз автобуски превоз во Скопје, субвенции за инвертор-клими за 5 000 домаќинства, прогласување на дел од Осогововските Планини за заштитен предел со биолошка разновидност, како и прифаќање на проектот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје.
Заедно со превентивните мерки, како што е зголемување на глобите за загадувачите за 20 пати и поголемите овластувања на инспекторите, Владата смета дека ќе се подигне свеста за заштитата на животната средина.
Осврнувајќи се на образованието во услови на пандемија, Заев рече дека успешно е спроведен проектот за учење на далечина за учениците од повисоките одделенија, како и физичка настава за останатите која се спроведува под највисоки мерки на заштита.
Воедно, тука тој ја спомена и поддршката за факултетите за научно-истражувачки проекти.
Од мерките за социјално загрозените граѓани, премиерот ги спомена социјалните станови, поддршката на проектите за лица со попреченост преку МОН, донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, предлог-законот за намалување на возрасната граница за асистенција на лица со попреченост. Исто така, се работи и на измени на Законот за работни односи, за недела да биде неработен ден.
Во областа на културата, Заев рече дека Владата обезбедила рекордно висок буџет за заштита на мултикултурното наследство, за финансирање проекти за културни добра од национално значење, при што тука ги спомена реставрацијата на црквата во Курбиново и на училиштето во Љубојно во насока на грижа и промоција на македонскиот јазик.
Во судството тој го најави прочистувањето и неселективното владеење на правото, за што како што рече Заев, добиле поддршка од ЕУ преку извештајот за напредокот од ЕК, што е потврда за трансформацијата на судството и обезбедување правда достапна за сите. Тој тука потсети и дека предметите од СЈО се ставени во правна процедура. За граѓаните, пак, олеснувањето е преку намалување на судските такси.
Во однос на мерките против корупцијата, Заев истакна дека оние функционери што биле фатени во вакви дејства се разрешени.
За напролет тој го најави спроведувањето на пописот, за што рече дека законот е во завршна фаза и наскоро, ако не и денеска, ќе се најде на пленарна седница, за да може да се спроведе операцијата, која според него е важна за стратегискиот развој на земјата.
Членството во НАТО и неправедното вето од Бугарија
Од активностите на меѓународен план, Заев го издвои членството во НАТО, што не е само остварување на стратегиската цел на земјата, туку гаранција на безбедноста.

Во однос на другата стратегиската цел, членството во ЕУ, Заев го спомена ветото од Бугарија за усвојувањето на преговарачката рамка која треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и официјален почеток на преговорите. Тој за ветото рече дека е неправедно.
„Оваа влада ниту нашата држава ниту народот немаме ни најмала вина. Застанавме на ставот дека македонскиот идентитет е невозможно да е предмет на преговори и нема да се откажеме од нашето право на самоопределување, гарантирано со Повелбата на ООН и меѓународните договори и конвенции кои ги има потпишано и Р Бугарија. Штетата од ова неоправдано вето ќе може да се надомести брзо. Власта нема да дозволи неуспехот на патот кон ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика запирање на внатрешните реформи“,
рече Заев.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со градење европски стандарди, целосно посветена на разговорите со соседна Бугарија до постигнување решение.
„Но, без разлика на исходот од преговорите, ние остануваме во партнерство и заедно со останатите партнери од ЕУ ќе го донесеме најдоброто од Европа дома“,
рече Заев во обраќањето по повод 100 дена Влада.