Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека вонредната состојба значи повеќе можности за Владата да се справува со коронавирусот и со економските последици.
Според него, во однос на начинот на функционирање на државата и општеството, вонредната состојба сама по себе не воведува нови ограничувања за граѓаните.
„Додека не се донесат нови мерки од Владата, сѐ останува исто во поглед на секојдневниот живот. Маркетите и натаму ќе работат, компаниите исто така, а институциите непречено ќе ги извршуваат сервисите. Во овој момент нема нови ограничувања на движењето на граѓаните“,
напиша Заев на својот профил на „Фејсбук“.
Во услови на вонредна состојба, тој вели дека Владата добива и законодавна и извршна власт, а со тоа се олеснува нејзината работа во време на кризи и може да носи одлуки многу побрзо и поефикасно.
„На сите нас останува да се придржуваме до мерките и препораките на институциите, со цел побрзо надминување на состојбата предизвикана од коронавирусот“,
пишува Заев поздравувајќи го потегот на претседателот на државата Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба во државава.