По празникот Илинден на 2 август СДСМ ги почнува преговорите за состав на новата Влада, и коалицијата на оваа партија има најголем капацитет за коалицирање, уверува лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, во интервју за хрватскиот неделник „Национал“.
„Мандатот за формирање нова Влада е кај СДСМ и коалицијата „Можеме“. Веднаш по празникот Илинден кој е на 2 август, влегуваме во процес на преговори за идно коалицирање и формирање состав на Влада. Со политиките кои ги водиме и со чесниот и одговорен однос, СДСМ има убедливо најголем капацитет за коалицирање. ВМРО-ДПМНЕ е поразена партија која демонстрира политики кои се спротивни од севкупниот демократски амбиент и од демократскиот правец кон кој неповратно се движи државата. СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот, напредниот, концептот и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. Структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт, не може да бидат дел од идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални“,
вели Заев за „Национал“.
Тој во интервјуто ги коментира изборите и оценува дека на нив победил демократскиот и европски концепт на СДСМ, концепт кој води напред кон Европа наспроти концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој е автократски, режимски и е за враќање назад во изолација, во опасност и неизвесност.
„Граѓаните тоа го препознаа и не дозволија државата да се враќа назад, туку на денот на изборите дадоа правец да продолжиме напред кон нови успеси. ВМРО-ДПМНЕ водеше исклучиво нечиста, црна, негативна кампања базирана на лаги, на конструкции, сеење страв меѓу народот и на теми на кои неколку пати беа поразени во минатото. Тие не објаснуваа што ќе направат за да ги зголемат платите, туку го плашеа народот со лаги дека ќе се федерализирала земјата, нешто за што народот добро знае дека ниту се случи, ниту се случува, ниту ќе се случи. Во нивната кампања видовме фрустрација, а не понуда. СДСМ како и досега, така и на овие избори водеше доминантно позитивна кампања за промоција на досега сработеното, но пред сè презентација на решенијата од новата програма преку кои државата продолжува напред и за промоција на нашите кандидати за пратеници кои ќе обезбедат реализација на нашите решенија“,
вели лидерот на СДСМ.
Тој зборува и за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и за Хрватска, па потенцира дека нивните заслуги за нашиот напредок се големи и е оптимист дека со хрватска поддршка Северна Македонија многу побрзо ќе го мине преговарачкиот процес.
Во однос на помошта што земјава ја добива од Европската Унија, Заев нагласува дека веќе добивме 160 милиони евра првична помош од Унијата за справување со коронавирусот, а со отворањето на поглавјата ќе се отворат и нови инструменти за финансиска помош. Тоа, оценува тој, ќе бидат сериозни средства со кои ќе ги зајакнеме капацитетите во борбата против коронавирусот, но и пари со кои ќе донесеме европски стандарди дома.