Одбраната во случајот „Организаторите на 27 април“ се изненадила од денешното сведочење на премиерот Зоран Заев, кој рече дека смета оти бившиот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, не се главните организатори на настаните од „крвавиот четврток“.
Сега очекува обвинението да падне, односно да биде повлечено.

„Ако првиот човек на државата во изминатите 4 години како премиер, со пристап до сите безбедносни информации, каже дека организатори за настаните од 27 април 2017 во Собранието сигурно не се Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски, мислам дека е сосема релевантна информација која може да се земе предвид и ова обвинение треба во таа насока и да оди, односно тоа да биде повлечено“,
изјави адвокатот Еленко Миланов кој е бранител на Вељаноски, Ристовски и Јанакиески.
Тој вели дека како одбрана се изненадиле, со оглед на тоа што претходно немале комуникација со Заев, иако тој сведочеше по нивни предлог.
„Иако е сведок на одбраната, немавме пристап и можност за распит да договараме што било околу одговорите, така што и ние бевме изненадени од неговиот исказ, но сепак искреноста е добредојдена“,
рече Миланов.
За разлика од него, обвинителката Вилма Русковска, пак, рече дека после толку години во судница ретко може нешто да ја изненади, а рече и дека Заев го повикале како сведок, а не како вешто лице за да дава мислење. Исто така, посочи дека не се согласува со него и оти премиерот не понудил никакви докази.