Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во вечерашните настапи на партиските настани во рамки на кампањата за парламентарните избори со прозивки кон противниците за национализам односно федерализација.
„Сега ги гледате, дојдоа изборите и повторно ДУИ и ВМРО ДПМНЕ со национализам. Зошто 12 години не се носеше Законот за јазици, се плашеа за рејтингот и кариерата? Но, дојдовме ние и го решивме прашањето. Се лажеа насекаде граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги носевме“,
рече Заев од Гостивар кој е во шестата изборна единица.
Во „шестката“, рече Заев, СДСМ и Беса ќе ги победат ДУИ и Алијанса за Албанците, а од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат двојно повеќе пратеници. Зборувајќи за национализмот, тој го спомена и предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец.
„Го слушам ДУИ сака Албанец за премиер. Не можат да ни продаваат такви филмови нам. Тие не се борат за народот, се борат за власт и пари. Не може никој толку години да биде власт, да влегуваат во институциите и го узурпираат системот. Нека знаат дека сега нема НАТО, ЕУ, Грција, Бугарија, сега имаме работа дома. Ги имаме сите фронтови отворени пред нас, треба да се биде економски патриот. Вистински патриот е тој што зголемува плати, што вработува млади, што им дава пари на граѓаните наместо да им ги краде, сите други се кукавици кои се кријат зад национализмот“,
рече Заев.
Мицкоски, пак, вечерва е во третата изборна единица каде пред жителите на Свети Николе рече дека СДСМ и Беса договарале федерализација на Македонија.
„Коалицијата СДСМ-Беса ја има на маса договорено федерализацијата на нашата Македонија, а потоа нејзино уништување. Овде јасно и гласно да се разбереме, за да не биде предоцна после тоа. Секој оној кој ќе заокружи за Љупчо Николовски, слугата на Зоран Заев, директно заокружува за уништување на Македонија“,
вели Мицковски.
Тој рече дека доаѓаат четири победнички години, бидејќи во нивната програма „Обнова“, на 360 страници, може да се најде буквално за секого по нешто, меѓу што и 25% поголема просечна плата.
„Во неа ќе најдете како до 20 насто поголеми пензии за пензионерите и најмалку двапати годишно раст на пензиите. Таму ќе најдете четири милијарди евра инвестиции, домашни и странски. Таму ќе најдете како до невработеност под 10 отсто, како до рамен данок најнизок во Европа од осум проценти, како до данок од нула проценти за вработен млад човек до 29 години. Таму ќе најдете субвенција до 50 проценти за секој што ќе одлучи да ја смени фасадата, за топол дом, за помали трошоци“,
рече Мицкоски.