Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, утрово гостувајќи во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, посочи дека има голем интерес од фирмите за економските мерки и спомена дека бројката на граѓани кои загубиле работа е под 7 000 места.
Заклучно со вчера, рече тој, имало 3 747 компании кои аплицирале за мерките, и ги повика и граѓаните и фирмите да аплицираат и да ги искористат парите што се нудат како помош.
„Ја користам можноста да повикам да аплицираат граѓаните и фирмите затоа што ова се нивни пари. Ние како влада одлучивме да ги распределиме за да може да ги сочуваат работните места, да дадат плати. Сега се аплицира за априлската плата, мерките ги олабавивме комплетно, на крајот донесовме целосна флексибилност само за да се сочуваат работните места. И еве го април, најтешкиот месец, заврши. Мај ќе биде поолабавен месец во функција на кризата, тоа го знаеме сите. Имаме некаде под 7 000 нови невработени, не се 140 000 колку што кажува опозицијата“,
рече Заев.
Тој им се обрати и на тие што ги загубиле работните места порачувајќи им да ја искористат помошта што се нуди и за нив.
„Апелирам до работниците кои останале без работа, овие помалку од 7 000, да се обратат до Агенцијата за вработување, да си искористат 50 проценти од просечната плата што ја земале. Сите граѓани кои се надвор од формалниот сектор, во неформалниот сектор, односно се социјално загрозени, да се обратат во центрите за социјални работи, таму добиваат 7 000 денари директна поддршка и уште 1 000 денари за енергетскиот додаток“,
рече Заев.